ДЕБЕЛА СУМ! НЕ САКАМ ДА ЈАДАМ (ИСКРИВЕНА СЛИКА ЗА ТЕЛОТО)
Ова се речениците што денес ги слушнав од едно четиринаесет годишно девојче кое заедно со своите загрижени родители дојдоа кај мене во ординација.
ШТО Е СЛИКАТА НА ТЕЛОТО?
Секој од нас има ментална претстава за себе која популарно се нарекува „слика за себе“ . Секој има идеја за себе, која може да биде јасна, нејасна и магловита или личноста воопшто не мора да биде свесна за неа. Таа се однесува на верувањето на личноста за самата себеси и е резултат на нашето животно искуство. Она што некој мисли за себе, тоа за него е негова реалност, неговото вистинско Јас.
Телесниот изглед има големо значење за формирањето на сликата за себе кај младите личности. Претставува прва информација за нив. Сликата на телото е репрезентација на сопствениот телесен изглед. Се однесува на тоа што личноста мисли за своето тело, како се чувствува кога станува збор за телото, како го вреднува и прифаќа. Телото е највидливиот дел на поединецот и секогаш е изложено на погледите од другите. Со оглед на тоа дека адолесценцијата е бурен период во кој настануваат многу промени кај адолесцентите, па, од таму и доаѓа нивната зголемената загриженост и преокупираност за телесниот изглед. Може да се однесува за телесната тежина, висина, изгледот на некој дел од телото или можноста за извршување на некои активности.
Сликата за телото често се нарекува и перцепција на телото, а самото име веќе наведува на заклучок дека се работи за субјективен концепт. Тоа значи дека сликата за телото на некоја личност не можеме да ја процениме од надвор, туку треба да го земеме во обзир нејзиното внатрешно доживување. На пример, дете кое има индекс на телесна тежина во рамките на просечноста, и понатаму може да има перцепција за себе како личност која треба да ослаби или да се здебели и да биде незадоволно со изгледот на телото.

ПРОБЛЕМ И КАЈ ДЕВОЈЧИЊАТА И КАЈ МОМЧИЊАТА
Повеќето досегашни истражувања покажуваат дека девојчињата се понаклонети кон поголемо незадоволство со телото. Но, сепак, најновите истражувања укажуваат на сè поголеми грижи и незадоволства заради телесниот изглед и кај момчињата и адолесцентите. Ваквите незадоволства и искривената перцепција на телото можат да имаат подеднакво штетни последици и за едните и за другите, независно од полот.

НЕЗАДОВОЛСТВО ОД ТЕЛОТО
Синдромот на искривено огледало се состои во тоа дека имаме негативна проценка на изгледот на своето тело, крива слика за самите себе, во негативна смисла, барајќи и пронаоѓајќи мани и недостатоци, кои всушност не ги поседуваме или ги преувеличуваме маните кои ги имаме. Во основа незадоволството со телото лежи во разликата помеѓу тоа како личноста се гледа и како мисли дека би требала да изгледа. Значи, реалната слика и онаа која ја имаме за себе не се исти, што резултира со несигурност и незадоволство со сопственото тело, бидејќи тоа не ги исполнува нормите кои ни ги наметнува општеството. Колку таа разлика е поголема, толку личноста е понезадоволна со телото, што може да дојде до низа различни поведенија кај децата, посебно кај тинејџерите.
Се работи за емоционален проблем кој често пати е поврзан со анорексијата и булимијата.
Различните облици на изгладнувања или промени во прехраната кои тинејџерите ги практикуваат можат штетно да влијаат на нивното телесно здравје. Кај нив можат да се јават и знаци на депресивност, анксиозност, ниско самопочитување, повлекување од социјалниот живот или избегнување на некои активности.

СЕПАК, ШТО АКО ДЕТЕТО ВЕЌЕ ГО ИЗРАЗУВА СВОЕТО НЕЗАДОВОЛСТВО?
Ако забележите дека детето често го искажува незадоволството со својот изглед, се затвора во себе, одненадеж ги менува прехранбените навики, односно одбива да јаде или внесува претерана количина на храна, нервозно е, чувството на тага и лутина ги изразува преку агресивно поведение, важно е што побрзо да реагирате.

ШТО БИ МОЖЕЛО ДА СЕ НАПРАВИ?
Во такви ситуации родителите можат со топол и поддржувачки тон да разговараат со детето и да му ја искажат својата загриженост.
Да поттикнат отворен разговор за грижите кои му се јавуваат.
Родителите можат да се погрижат околу тоа како им се обраќаат на децата и какви пораки им испраќаат со своето поведение.
Исто така можат да се јават на стручни лица за соодветна помош и поддршка.

Психолог, Советник по КБТ

