Деменција
Деменцијата е болест на популацијата од возрасно доба. Во коренот на ова заболување постојат морфолошки, хистолошки и биохемиски промени на мозокот, како природни појави врзани за процесот на стареење. Претставува постепено губење на менталните способности, кои резултираат со губење на меморијата, промена на личноста и губење на социјалните способности. Ова заболување не е нормален дел од стареењето, и кај повеќето луѓе никогаш не се развива.

Проф. д-р Анита Арсовска
Универзитетска клиника за неврологија, Медицински факултет, Универзитет Св. Кирил и Методиј, Скопје
1. Кои се клучните фактори за пореметување на помнењето?
Досега се идентификувани неколку фактори кои влијаат врз помнењето:
-
Емоционални пореметувања. Присуството на стрес, анксиозност или депресија може да предизвикаат заборавност, збунетост, проблеми со концентрација или други проблеми кои ги пореметуваат дневните активности.
-
Недостиг на витамин Б12. Витаминот Б12 помага да се оддржуваат здрави нервните клетки и црвените крвни клетки. Недостиг на витамин Б12, кој што е повообичаен кај повозрасните луѓе, може да предизвика проблеми со помнењето.
-
Лекови. Одредени лекови или комбинација на лекови може да предизвикаат заборавност или збунетост. Тука спаѓаат лекови кои се се користат за смирување, против болка, за спиење, за лекување на зголемен крвен притисок, епилепсија и Паркинсонова болест, против алергија и др.
-
Повреда на главата. На пр. повреда на главата при пад или незгода, дури иако не е придружена со губиток на свест, може да предизвика проблеми со помнењето.
-
Заболувања на мозокот. Мозочни удари, тумори или инфекции на мозокот можат да предизвикаат проблеми со меморијата или други симптоми слични на деменција
-
Алкохолизам. Хроничниот алкохолизам може да предизвика сериозни проблеми со помнењето. Алкохолот истотака може да предизвика губиток на помнењето кога се злоупотребува со одредени лекови.
-
Хипотироидизам. Намалената фунција на тироидната жлезда (хипотироидизам) може да резултира со заборавност и други проблеми со мислењето.
-
Возраст. Напредната возраст е асоцирана со проблеми со помнењето. Деменцијата е почеста кај луѓе на возраст > 65 години, но може да се појави и кај младите. Раниот почеток на болеста може да започне во 30, 40 или 50-тите години од животот.
-
Образование. Истражувањата покажале дека понискиот степен на образовние е поврзан со почести проблеми со помнењето.
-
Пушење. Пушењето цигари може да предизвика губиток на помнењето.
-
Социјални активности. Изолираноста, односно немањето на социјален живот и пријатели, може да предизвика пречки во мислењето и помнењето.
-
Професија. Невработеноста се набројува како една од причините за проблеми со помнењето.
-
Телесна тежина. Прекумерната телесна тежина, односно зголемениот индекс на телесна маса се директно поврзани со пореметување на помнењето.
-
Сон. Пореметувањето на сонот и спиењето, односно несоницата е покажано дека предизвикува проблеми со помнењето.
2. Како се дијагностицира и кои се првите симптоми?
Деменцијата се состои од симптоми кои вклучуваат пореметување во мислењето, комуникацијата и помнењето.
1. Суптилни краткотрајни промени во помнењето
Потешкотии во помнењето можат да бидат ран симптом на деменција. Промените често се суптилни и ја инволвираат краткотрајната меморија. Повозрасните особи можат да се сетат на настани кои се случиле одамна, но не можат да се сетат што јаделе на ручек. Другите симптоми на промени во краткотрајната меморија вклучуваат заборавање каде оставиле одредени предмети, обидувајќи се да се сетат зошто влегле во одредена просторија или забораваат што требало да направат во текот на денот.
2. Тешкотии да се пронајдат вистинските зборови
Друг ран симптом на деменција се потешкотиите во комуникацијата. Лицето со деменција има потешкотии да објасни нешто или да ги пронајде вистинските зборови за да се изрази. Разговорот со лице кое има деменција е отежнат и трае подолго од вообичаеното.
3. Промени во расположението
Промена на расположението е исто така честа појава кај деменцијата. Освен тоа, се јавува депресија, промена на личноста (на пр. од срамежлива особа станува екстровертна) и пореметено здраво-разумско расудување.
4. Апатија
Апатијата или бесмисленоста, најчесто се јавува во раната деменција. Особите губат интерес за хоби или други активности, нема желба да излегува надвор или да прави нешто забавно. Понекогаш губат интерес да поминуваат време со пријателите и семејството и изгледаат емотивно рамнодушни.
5. Тешкотии при исполнување на нормални задачи
Суптилната промена во можноста да се завршат вообичаените задачи може да укаже на рана деменција. Ова обично започнува со потешкотии во извршувањето на посложени задачи, како на пр. играње игри коишто имаат многу правила.
6. Конфузија
Луѓето во раната фази на деменција често се збунети. Тие веќе не можат да се сетат на познатите лица, да ги пронајдат вистинските зборови или нормално да комуницираат со луѓето. Збунетоста може да се појави при различни ситуации. На пример, може да ги заменат клучевите за автомобили, да заборават што следува во текот на денот или да имаат потешкотии да запомнат некого што претходно го сретнале.
7. Тешкотии во следење на мислата при раскажување
Ова е класичен ран симптом. Пронаоѓањето и користењето на вистинските зборови станува тешко, а понатаму, луѓето со деменција го забораваат значењето на зборовите што ги слушаат и не можат да го следат разговорот.
8. Изгубено чувство за насока и ориентација
Чувството за насока и просторна ориентација обично започнува да се влошува со почетокот на деменцијата. Тоа значи дека не се препознаваат некогаш познатите обележја и се забораваат редовно користените упатства.
9. Повторување
Повторувањето е честа појава кај деменцијата заради губење на меморијата и општите промени во однесувањето. Лицето ги повторува дневните задачи, како што е бричењето, или може опсесивно да собира предмети. Исто така може да ги повтори истите прашања во разговорот откако истите ќе бидат одговорени.
10. Потешкотии во прилагодување кон промените
Особите со деменција не можат да се сетат на луѓето што ги знаат, не можат да се сетат зошто отишле во продавница и се губат на патот кон дома. Поради ова, тие се плашат да пробаат ново искуство и сакаат да се продржуваат кон воспоставената рутина. Тешкотии во прилагодување на промените е исто така типичен симптом на рана деменција.
Доколку сте загрижени во врска со проблемите со помнењето, треба да се јавите на лекар (специјалист невролог и/или психијатар), кој ќе изврши преглед и одредени дијагностички тестови со цел да се утврди степенот и причината за пореметување на памтењето. Се препорачува и член од семејството или близок пријател да биде присутен на прегледот за да одговори на одредени прашања поврзани со Вашата здравствена состојба и однесување. Невропсихолошкото тестирање се извршува за да се процени памтењето и другите функции како што се мислењето, ориентацијата, пишувањето, читањето, броењето, расположението и сл. Се препорачува да се направи лабораториска анализа на крв, нуклеарна магнетна резонанца и ПЕТ скен на мозокот.

3. Кои врсти на деменција постојат?
Деменцијата може да се подели во две групи врз основа на кој дел од мозокот е засегнат.
-
Кортикалните деменции се случуваат поради проблеми во мозочната кора, односно надворешниот слој на мозокот. Тие играат клучна улога во меморијата и јазикот. Луѓето со овие типови на деменција обично имаат сериозно губење на меморијата и не можат да запомнат зборови или да го разберат јазикот. Алцхајмеровата болест и Кројцфелд-Јакоб-овата болест се две форми на кортикална деменција.
-
Субкортикалните деменции се случуваат поради проблеми во деловите на мозокот под кората. Луѓето со субкортикална деменција имаат промени во нивната брзина на размислување и способноста да започнат со активности. Обично, луѓето со субкортикална деменција немаат заборавеност и јазични проблеми. Паркинсоновата болест, Хантингтоновата болест и ХИВ може да ги предизвикаат овие видови на деменција.
4. Дали постои деменција која може да се излечи?
Најчесто деменцијата не може да се излечи, меѓутоа, постојат лекови (инхибитори на холинестеразата) за да се ублажат симптомите. Истотака се употребуваат и други лекови за третман на придружните состојби (депресија, пореметување на сонот, халуцинации, Паркинсонизам или агитираност). Промените во однесувањето се третираат со окупациона терапија, модифицирање на околината (на пр. да се скријат сите остри предмети, клучевите од автомобилот и сл.), како и поедноставување на секојдневните обврски и задачи. Постојат и одредени техники кои можат да помогнат во намалувањето на вознемиреноста и служат за релаксација како што се музичка терапија, која вклучува слушање музика за смирување, лесни вежби, гледање видеа на членовите на семејството, терапија со миленичиња, ароматерапија, која користи миризливи растителни масла, терапија со масажа и сл.
5. Каков е пристапот на лекување кон овие болни?
– Подобрете ја комуникацијата. Зборувајте полека со едноставни реченици и не брзајте со одговорот. Користете гестови и знаци, како што се укажување на предмети.
– Охрабрете го вежбањето. Постојат сè поголеми докази дека вежбањето го штити мозокот од деменција, особено кога се комбинира со здрава исхрана и третман на факторите на ризик за кардиоваскуларните заболувања. Некои истражувања исто така покажуваат дека физичката активност може да ја забави прогресијата на нарушеното размислување кај лица со Алцхајмерова болест и може да ги намали симптомите на депресија.
– Вклучете се во различни активности (танцување, сликање, градинарство, готвење, пеење и слично).
– Воспоставете ритуал за ноќните активности. Симптомите често се влошуваат во текот на ноќта. Оставете ноќни светла во спалната соба, салата и бањата за да спречите дезориентација. Ограничете го кофеинот, обесхрабрете го спиењето во текот на денот и препорачајте вежби со цел да се подобри спиењето ноќе.
– План за иднината. Треба да се размисли за финансиските и правните проблеми и опциите за долготрајна нега.

6. Дали постојат места или институции каде што може да се згрижат пациентите со прогресивна деменција?
Пациените со прогресивна деменција имаат потреба од континуирана нега, односно во напреднатата фаза на болеста неопходна им е палијативна нега. Вообичаено семејството одлучува дали негувањето на овие лица ќе продолжи во домашни услови или во одредени институции ( како на пр. Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина).

Главен уредник на VipHeart.mk

