Дијабетесот како сериозно заболување – Др. Искра Битоска

Дијабетесот како сериозно заболување – Др. Искра Битоска

Дијабетесот зазема пандемиски размери и претставува еден од поголемите здравствени проблеми во 21 век. Секоја година има сè повеќе и повеќе лица со дијабетес со посебно брз пораст во неразвиените земји и земјите во развој. Вкупниот број лица со дијабетес во светот според најновите податоци е 415 милиони, а се очекува оваа бројка во 2040 год да биде 642 милиони.
Дијабетесот постои од кога постои и човештвото иако не бил опишан како болест, туку биле опишани само неговите симптоми и знаци. Првите пишани документи за дијабетесот датираат од 1550 год. пр.н.е. во египетско списание каде бил опишан како „поминување на многу мочка“. Прв пат бил опишан со името diabetes во вториот век од н.е. од грчкиот лекар Aretaeus, што во превод значи „да помине низ“. Луѓето забележале дека мочката на лицата со дијабетес е слатка, а еден од начините да се потврди тоа било да се истури мочка до мравки и доколку тие се собирале наоколу, значело дека таа има шеќер. Во 18 век бил додаден зборот mellitus (мед, слатко). Тогаш било откриено дека во крвта и на здравите и на болните луѓе има гликоза. 100 години подоцна Minkowski и von Mering случајно откриле дека е панкреасот инволвиран во дијабетесот. Тие, по отстранувањето на панкреас на куче, забележале дека се покачува шеќерот во крвта и така почнале да размислуваат за можна супстанција која се лачи во панкреасот, а го регулира шеќерот во крвта. По 30 години, во 1920 год. била откриена оваа магична супстанција наречена инсулин од страна на Banting и Best, за што во 1923 год. Banting и Macleod добиле Нобелова награда за медицина, која ја споделиле со Best.

1. Симптомите на дијабетот тешко се забележуваат, некогаш и ги нема, така да со текот на времето доаѓа до сериозни последици. Тоа може да трае повеќе години и пациентите случајно го откриваат на рутинска лабораториска контрола кога ќе видат дека шеќерот е надвор од границата на нормалата. Како да се постапи понатаму?
Потребно е да се знае дека дијабетесот тип 2 е превентабилна болест односно може да се спречи неговата појава. Таа состојба се вика предијабетес и постои начин со кој се дијагностицира оваа состојба. Предијабетесот го зголемува ризикот за ДМ тип 2 за 3-10 пати. Во САД 86 милиони луѓе имаат предијабетес, или 37% од популацијата, а се проценува дека дури 70% од тие луѓе ќе развијат ДМ тип 2 во текот на животот.
Кога пациентите ќе видат зголемена вредност на шеќерот, веќе се работи за дијабетес и мора веднаш да се јават на лекар.

 

2. Ако веќе постојат симптоми на дијабет, како се манифестираат, кои се и на што пациентите да обрнат внимание?
Класичните симптоми на дијабетесот се жед, често мокрење, зголемена глад и губиток на телесна тежина. Други симптоми присутни за време на дијагнозата се заматен вид, чешање, чести вагинални инфекции и замор. Многу луѓе немаат никакви симптоми во текот на првите неколку години и болеста се дијагностицира при рутинско тестирање. Поретко првата презентација на болеста може да биде со многу сериозна состојба која доведува до хоспитализација. Пациентите веднаш треба да се јават на лекар, доколку се присутни овие симптоми.


3. Кои типови на дијабет постојат и која е разликата во нивното лекување?
Постојат повеќе типови на дијабетес, но најчести се три: тип 1, тип 2 и гестациски дијабетес. Дијабетесот тип 1 се карактеризира со апсолутен недостаток на лачење на инсулин. Кај дијабетесот тип 2 основна карактеристика е инсулинска резистенција и/или недоволното лачење на инсулин. Гестацискиот дијабетес се јавува за време на бременост, а се манифестира со хипергликемија ( зголемено ниво на шеќер во крвта) или нарушена гликозна толеранција според дијагностичките критериуми за бременост. Жените со гестациски дијабетес имаат повисок ризик за компликации за време на бременоста и породувањето. Исто така имаат зголемен ризик за развој на дијабетес тип 2 во иднина.
Дијабетес тип 2 (ДМТ2) е најчест и опфаќа околу 90-95% од сите видови дијабетес, како глобално така и кај нас. Загрижувачки е фактот дека претходно дијабетес тип 2 кај деца и млади беше многу редок додека последните години рапидно се зголемува.

4. Која е границата од која мора да се стартува со терапија?
Основно во третманот на дијабетес тип 2 е навремената дијагноза бидејќи во почетокот симптомите и знаците кои се карактеристични за оваа состојба се отсутни или минимални. Затоа, скринингот за ризичните групи за дијабетес како и подигањето на свеста воопшто за оваа состојба која за жал се дијагностицира со задоцнување се најважни мерки за справување со дијабетесот. Да се потсетиме на фактот дека 46% од лицата со дијабетес не се свесни дека го имаат. Хипергликемијата и инсулинската резистенција, непрепознаени како такви, тивко и бавно ги оштетуваат крвните садови и неретко кај овие пациенти при поставување на дијагноза имаме макроваскуларни компликации и до 50%. Навремената дијагноза и раното започнување на третманот на дијабетесот како метаболно заболување има за цел регулација пред сè на хипергликемијата, дислипидемијата, хипертензијата. Пристапот на третманот на дијабетес тип 2 е индивидуален, а целите на третманот се поставуваат заеднички помеѓу лекарот и пациентот. Заедничка цел е постигнување на оптимална гликемиска контрола без акутни компликации (хипогликемија, хипергликемија) и спречување на хронични компликации
Границата кога се стартува со терапија зависи од повеќе фактори, меѓу кои и во кој стадиум на болеста пациентот се јавил на лекар. Терапијата е строго индивидуална ија одредува исклучиво доктор.
Цел на третманот е да се намали крвниот шеќер и да се одложи развојот на ДМ тип 2, како и да се спречат компликациите.
Нефармаколошки треман
• Промена на начин на живот
• Зголемување на физичката активност
• Намалување на внес на масти и концентрирани јаглехидрати
• Намалување на употреба на алкохол
• Намалување на внес на сол
• Зголемување на внесувањето овошје и зеленчук
• Одржување или зголемување на внес на продукти од цело зрно
• Прекинување со пушењето
Фармаколошки третман
Мора да биде препишан од дијабетолог.


5. На кои се заболувања е подложен пациентот кој има дијабет, доколку не се придржува кон правилата на лекување?
Ризикот за смрт од кардиоваскуларни болести (КВБ) е 2-4 пати поголем кај луѓето со дијабетес тип 2 во споредба со оние без дијабетес и е водечка причина за морбидитет и морталитет. Најмалку 50% од смртните случаи се предизвикани од коронарна срцева болест.
Појавата на хроничните микро и макроваскуларни компликации во продуктивниот период од животот, води кон преран инвалидитет кој истовремено претставува социјален проблем, како за семејствата така и за државите. Дијабетесот е главна причина за слепило, бубрежно заболување кое води кон дијализа и ампутации на стапалата. Со цел да се превенираат сиве овие можни компликации кои се макотрпни и претставуват сериозен здравствен, социјален и економски товар, треба да се подигне општата свест дека дијабетесот и неговите компликации можат да се превенираат во голема мерка.


6. Која е улогата на здравата исхрана и физичката активност во лекување на дијабетот?
Постојат многу докази дека промената на стилот на животот – здравата исхрана и умерената физичка активност, можат да помогнат во превенцијата на дијабетес тип 2.
Здебеленоста, особено стомачната дебелина, е поврзана со развојот на дијабетес тип 2. Затоа, императив е намалувањето на телесната тежина што води до подобрување на инсулинската резистенција и намалување на хипертензијата. Затоа, лицата кои се натхранети или обезни треба да се мотивираат да ја достигнат посакуваната телесна тежина.
Физичката активност е еден од поважните столбови во превенцијата на дијабетесот. Зголемената физичка активност е важна во одржувањето на намалената тежина и е поврзана со намалувањето на крвниот притисок, намалување на срцевата фреквенција при мирување, зголемување на инсулинската сензитивност, подобрување во телесната редистрибуција и психолошко добро чувство. Балансираната и здрава исхрана е од суштинско значење за здравјето. Здравата исхрана ги намалува ризик-факторите за кардиоваскуларните заболувања. Од другите фактори треба да се спомене пушењето, кој е познат ризик-фактор за многу хронични заболувања, вклучувајќи го и дијабетесот.
Пушењето ја зголемува акумулацијата на абдоминалните масти и инсулинската резистенција. Затоа, сите пушачи треба да се охрабрат да прекинат со пушењето. Но треба да се внимава по прекинот на пушењето лицата со дијабетес да не додадат во телесната тежина.
Стресот и депресијата се поврзани со дијабетесот и кардиоваскуларните заболувања. Нарушувањето на сонот, помалку од 6 часа и повеќе од 9 часа спиење, може да биде поврзано со зголемениот ризик за развој на дијабетес тип 2. Лишувањето од сон може да ја наруши рамнотежата на хормоните кои го регулираат внесот на храна. Од друга страна, спиењето подолго може да биде знак на нарушено дишење во сон или т.н. опструктивна ноќна апнеја.
Физичка активност. Постојат силни епидемиолошки докази дека физичката активност и намалувањето на телесната тежина претставуваат медицински бенефит не само за превенцијата на дијабетесот туки и за другите ризик-фактори како што се дислипидемијата и хипертензијата, за подобар кардиоваскуларен систем и квалитет на живот. Затоа, креаторите на здравствената политика и здравствениот систем имаат за цел да пронајдат евтини методи да се зголеми физичката активност со цел да се намали телесната тежина кај популацијата.
Податоците за физичката активност покажуваат дека населението во Македонија сè уште не е свесно за придобивките по здравјето кои ги носи физичката активност и дека промоцијата на физичката активност како достапен начин за здравствена корист треба да се интензивира. Младите би требало да практикуваат секојдневна умерена физичка активност во траење од 60 минути, а оние над 18 години – 30 минути умерена физичка активност 5 дена во неделата. Здрава исхрана. Република Македонија се наоѓа во регион каде има висока достапност на храна и прехранбени производи кои се препознаени и препорачани како корисни за здравјето. Сепак, иако внесот на овошје и зеленчук за 2012 година е во рамките на препораките (=493 g, препорачан внес над 400 g), внесот на масти е над препораките, а истото важи и за внесот на прости (додадени) шеќери. Особен проблем е внесот на сол, кој со 13,9 g е далеку над препораките од 5 g дневно и е еден од највисоките во Европа.
Популационите методи имаат за цел да:
• спречат дебелина кај нормално нахранети лица,
• спречат прогресија на зголемена тежина кај натхранетите и здебелените лица,
• одржат стабилна телесна тежина по постигнатото намалување во тежина.

7. На колку време треба пациентите да прават контроли, во случај на промена на терапија или некој совет од одбраниот лекар?
Следење на пациенти со предијабетес вклучува мерење на гликемија на гладно и 2 часа после оброк во домашни услови.
Следење на пациентите со дијабетес е различно, зависно од тоа дали се присутни компликации или не и на кој вид на терапија се. При воведување во нова терапија, контролите можат да бидат и на две недели. Потоа се поретки, но секако не над три месеци.
Оние пациенти со ризик-фактори за кардио васкуларни заболувања треба да се следат во регуларни интервали. Еднаш годишно треба да се прави проверка на крвта во смисол – липиден профил, проверка на работата на бубрезите, и очен преглед.


8. Дали на нашите простори имаме доволно едукација, центри, терапија и соодветен однос кон ова сериозно заболување?
Во нашата земја има доволно центри за превенција и третман на ова заболување, но се чини дека самите пациенти не работат доволно во смисол на спречување на појава на дијабетесот преку здравата исхрана и физичката активност, а без тоа, ниту еден лекар не може да има доволно добар успех во терапијата на ова заболување.
9. Вашиот професионален совет кон пациентите со дијабет?
Целта на справувањето со дијабетесот е одржувањето на доллготраен период на добра метаболна контрола без големи варијации на крвниот шеќер.. Основно во водење на дијабетесот е едукацијата на пациентот и самоконтролата на гликемијата. Честите мерења на гликемија во домашни услови не само што даваат пореална слика за менаџирањето на дијабетесот туку му даваат на пациентот безбедност дека во кое било време може да мери гликемија, доколку има лоша гликорегулација навремено да се упати кај лекарот со цел да не биде долгорочно во гликозен односно метаболен дисбаланс. Добро едуциран пациент со ДМ тип 2 може да коригира доза на инсулин во зависност од гликемиските врдности, да препознае хипогликемии и да ги спречи несаканите консеквенци, да реагира при стресни ситуации со цел да не се влоши метаболната контрола Понекогаш пациентот може да не се чувствува добро, понекогаш може да се препотува односно да има главоболка, па му се советува да мери гликемија за негова безбедност едноставно. Со текот на времето, пациентот стекнува самодоверба како го менаџира дијабетесот. Но треба да биде внимателен! Да не ги запостави самоконтролите мислејќи дека сè е во ред. Таквите претпоставки се опасни бидејќи долгорочно можат да водат до компликации. Редовни контроли кај својот доктор и секако, придржување кон неговите совети.

дипл. спец. Оливера Антиќ

Главен уредник на VipHeart.mk