Како да се креира организација која учи?

Како да се креира организација која учи?

„Не можеме да ги решиме проблемите со истиот начин на размислување со кој и сме ги создале.“ – Алберт Ајнштајн

 

Ако се запрашаме зошто учењето и развојот се неопходни за бизнисот, најкраткиот одговор ќе биде дека учењето, растот и развојот се неопходни, и суштински за индивидуите и организациите, бидејќи придонесуваат за преживување (отпорност), адаптибилност и одржливост.

Во процесот на учење се стекнуваме или го проширување нашето знаење, разбирање, однесување, ги подобруваме вештините и компетенциите. Растот означува процес на зголемување во големина, капацитет или количина во одредено време. Додека, развојот се однесува на процес на систематска промена во текот на времето, а може да биде психолошка, интелектуална, физичка, емоционална, организациска и слично.

За сите организми, индивидуи или организации, важат овие процеси. Активните, живи организми, постојано се менуваат и адаптираат на условите во кои се наоѓаат. Во спротивно, им се заканува опасност од инерција, која води до умирање и смрт. Имајќи предвид дека опкружувањето на сите нас е турбулентно, автоматски следува и насоката и потребата дека учењето и развојот се неопходни.

 

Трансформацијата на организацијата, од традиоционална во организација која учи е процес кој бара посебни напори, инвестирање на многу ресурси, време, енергија и очекувано трае најмалку 3-5 години. Промени се случуваат на сите нивоа на процесот, почнувајќи од промена на нејзината визија, стратегија, организациска структура, култура и клима (деловен систем и процеси).

Овој потфат бара истрајност, длабоки културни промени кои треба да бидат предводени од лидерот во организацијата, а поддржани од останатиот врвен менаџмент. Лидерот во организацијата мора да верува во вредностите на континуираното учење и својата визија и вредности да ги искомуницира јасно, не само преку своите зборови, туку и евидентно преку своето однесување и дела.

На следната слика се прикажани чекори во развојот на организација која учи, и вклучуваат промени на лично ниво, менување на начинот на размислување и развој на нови ментални модели, како и промени на тимско и организациско ниво.

 

Чекори во развојот на организација која учи

извор: Five steps to a Learning organisation, 2015,

https://frontlinemanagementexperts.wordpress.com/2015/08/12/5-steps-to-a-learning-organisations/

 

Личното усовршување значи растење од внатре, не само зголемување на знаењето поврзано со професијата и работата, туку и лично растење, емоционално, ментално и духовно. Смислата на работење и посветеност, вработениот ја гради во склад со визијата на организацијата, јакнејќи ја синергијата и тимскиот дух на тој начин.

Пристапот кон решавање на проблемите, донесување на одлуки, во организации кои учат, треба да биде системски, гледајќи долгорочно и сеопфатно на работите. Се земаат предвид повеќе варијабли, и се размислува на долг рок, на одржливост, на јакнење на тимот.

 

Во најдобрите организации кои учат, една од главните одлики  е навиката да се добива и дава фидбек. Ова значи дека очекувано е помеѓу колегите да има споделување на идеи,  совети и препораки за подобрување на активностите. На овој начин, на многу динамичен начин вработените учат континуирано и се развиваат меѓусебно.

 

Откако е поставена организацијата која учи, континуираното учење станува дел од живеењето, интегрирано во организациската култура. Нема простор за застанување или застанување на овој процес.

Стратегијата на учење и развој е основна во организациите кои учат и го опфаќа пристапот кој организацијата го воведува за да се осигури дека сега и во иднина активностите на учење и развој го поддржуваат постигнувањето на организациските цели преку зајакнување на вештините и капацитетите на индивидуите и тимовите. Стратегијата на учење и развој треба да е бизнис ориентирана во смисла дека треба да биде дизајнирана за да го поддржи остварувањето на организациските цели преку промовирање на човечкиот капитал. Но, во исто време треба да биде и човечки ориентирана земајќи ги предвид потребите и интересите на луѓето за раст и развој.

М-р Славица Трајковска

Основоположник на Институтот за животна средина, енергетика и градежништво ИЕГЕ