Магијата на модерниот танц – Ева Карамановска

Магијата на модерниот танц –  Ева Карамановска

1. Координација на движењата, правилното држење на телото, грациозноста, тоа е она што ја претставува содржината на танцот, којашто е една од првите уметности и претставува огромна креативност и фантазија. Како ја доживуваш магијата на танцот?
Старо колку и огнот, танцот секогаш бил дел од човечката култура. Тој е срцето на сите веселби и прослави. Како што кажавте, танцот е уметност за која е потребна огромна пасија. Постои разлика од танцување со телото и танцување со душата. Тоа е всушност и неговата магија, да ти навлезе длабоко во душата и да заигра со твоето срце. Тогаш станува збор за вистинско танцување.


2. Модерниот танц подразбира неверојатна контрола на мускулите, тоа значи и неверојатна свест за своето тело, што го оправдува фактот дека денес танцот го квалификуваат и како една врста спорт?
Спортувањето е многу важно за психо-физичкиот развој на секој човек. Во танцувањето немате само спортување. Во латино танцувањето има истовремено активирање на сите мускули бидејки се игра на чевли со строго определена висина и облик, треба добро да се активира сетилото за слух бидејки мора да се внимава на музиката – ритамот, а секако дека е активиран и мозокот кој ни праќа импулси за кореографијата којашто треба да се изигра. Мимиката т.е. еспресијата на лицето е исто така секогаш изразена. Значи латино танцувањето, можам слободно да кажам дека е многу повеќе од обично “спортување”.


3. Танцот негува повеќе изрази како што е класичнот балет, џез денсот, модерниот танц, хип-хопот……Каде најмногу се пронаоѓаш?
Јас сум латино танчерка. Латино танцот, латино музиката, тоа ви е оган, емоција, енергија. Себеси се пронајдов во овој вид на танц, но исто така многу ги почитувам, а понекогаш и играм другите танци. За жал кај нас, во Македонија има само неколку клуба кои го негуваат исклучиво латино танцот. Нема средно училиште за латино танц и затоа овој вид танц се учи во клубовите од високо квалификувани инструктори или на семинари кои се одржуваат ширум светот.


4. Кој е твојот избор на музика за танцување?
Секогаш одбирам музика која ќе ми го допре срцето, растрепери душата. Музиката секогаш треба да е поврзана со кореографијата, костимот, за сето тоа да претставува една целина.


5. Што е она што танцот го прави толку важен во твојот живот и колку напор, посветеност и подршка бара оваа професија?
Танцот е моето второ јас. Иако бара многу вежбање, откажување од многу тинејџерски работи, мене танцувањето ми е задоволство, а не “казна”. Еве на пример минатата година кога се спремав за Светското во Џенова 2018, секој ден вежбав со мојот тренер Џанер Шенѓулер, кој навистина се потруди да совладам дел од латино техниката и новитетите во светски размери. Поддршката е можеби и најважната работа во оваа професија. Јас имам голема поддршка од Стефи, која е сопственик и инструктор во клубот Данса Латина Стефи, во кој вежбам 6 години, од моите родители кои и морално и финансиски ме поддржуваат, а секако и од професорите во училиште кои ме ослободуваат од настава кога имам натпревари. Кога сите овие работи добро се искоординирани, успехот е неминовен.


6. Дали на нашите простори постои публика која го сака танцот и со што ти се имаш претставено овде и можеби на меѓународни натпреварувања?
Да. Се повеќе има публика на латино натпрецарите. Кај нас има повеќе натпревари кои се поврзани со клубовите и со нивното членство во различни танцови федерации. Активно учествувам на сите натпревари. Некогаш сум повеќе, а секогап помалку успешна. Имам освоено многу први, втори места, на државни народни и интернационални натпревари.


7. Кои моменти најмногу ги паметиш од твоето досегашно искуство со танцувањето и кои се твоите планови за иднина?
Секој натпревар има своја тежина, свое место во моите сеќавања, но сепак би го издвоила патувањето во Џенова и она прекрасно чувство да се биде дел од едно големо светско натпреварување.”Гревот на Ева”, “Клеопатра”, “Доктор Ева”, “Robot girl”,”Harley Quinn”… се кореографии кои сум ги одиграла и се вредни за паметење. Оваа година сум прва година во СУГС Никола Карев и поради поголемиот ангажман околу училиштето танцот го ставив во втор план. Секако дека вежбам, и никогаш нема да престанам да вежбам бидејќи еден ден би сакала себеси да се видам на еден од оние гламурозни натпревари на исто место со мојот идол Khrystyna Moshenska, Yulia Zagoruychenko, Vera Bondareva…

дипл. спец. Оливера Антиќ

Главен уредник на VipHeart.mk