Мојата најголема екстраваганција е љубовта – Јована Стојменовиќ
1. Која е Вашата претстава за совршена среќа?
Совршено си среќен секој ден кога немаш голема грижа!
2. Кој е Вашиот најголем страв?
Големите грижи, тие те прават помалку среќен.
3. Со која историска фигура би се поистоветиле?
Секој од нас си испишува своја историја.
4. На кого најмногу му се воодушевувате?
Повремено ме воодушевуваат постапките кои ги прават луѓето кои токму преку тие свои големи постапки можат да се наречат големи, храбри, хумани.
5. Која Ваша карактерна особина не ја поднесувате кај себе?
ОК сум си со себе.

6. Која е Вашата најголема екстраваганција?
Се надевам дека еден ден тоа ќе биде симпатична модерна јахта, да одам во уште подлабоко, засега – љубовта.
7. Кое е Вашето омилено патување?
Секое од патувањата на море.
8. Во кои прилики лажете?
Срам ми е да лажам, стојам зад своите постапки, но кога сакам да заштитам некого… дојди да ти шепнам – сокривам информации.
9. Која карактерна особина кај човекот сметате дека е најпреценета?
Чесноста.
10. Кои зборови и реченици најчесто ги користите?
Мислам, сметам, посакувам…

11. Што не Ви се допаѓа во Вашиот физички изглед?
А зошто господин Пруст не прашал што ми се допаѓа на мојот физички изглед?
12. За што најмногу сте се покајале во животот?
Се каам кога некому ќе дадам втора шанса иако знам дека ќе ја прокоцка, а кога нешто знаеш, обично така бива.
13. Кој-а е љубовта на Вашиот живот?
Мојот живот за моја голема среќа е исполнет со многу љубов, а и се уште трае…
14. Кога и каде сте биле најсреќни?
Секогаш сум најсреќна во прегратките на луѓето што ги сакам.
15. Кој талент би сакале да го поседувате?
Убаво да пеам.

16. Како се чувствувате моментално?
Добро кон одлично.
17. Што сметате за Ваш најголем успех?
Се уште го чувам детето во себе, иако се почесто го оставам само.
18. Ако после смртта би се вратиле на овој свет, што би биле?
Морска нимфа.
19. Која е најголемата драгоценост која ја поседувате?
Една моја ретка особина.
20. Што претставува за вас разочарувањето?
Ова е барем лесно, неисполнети очекувања се дефиниција на разочарувањето, предавство главно, многу ја ценам лојалноста.

21. Со која професија(освен оваа) би сакале да се бавите?
А што знам, главно се бавам со она што го сакам.
22. Кој е Вашиот идол(пример) во животот?
Идоли немам, пример ми е сестра ми.

23. Кој е Вашиот омилен сликар, а кој писател?
Салвадор Дали поради својата ексцентричност, а писател, Достојевски, поради „Идиот“.
24. Кој е Вашиот фиктивен јунак?
Chuck Noland од Cast Away.
25. Каде би сакале да живеете?
Каде што ми е срцето – тука.

26. Што најмногу мразите?
Досада.
27. Која човечка особина ве иритира?
Досада.
28. Кое е Вашето Мото?
Supergirls don’t cry, supergirls just fly!
29. Кои квалитети ги вреднувате кај мажите?
Длабочината.
30. Кои квалитети ги вреднувате кај жените?
Длабочината.
31. Што е за вас вистински пријател?
Човек што ви мисли добро.

Главен уредник на VipHeart.mk

