Парите се враќаат, но времето не … Спортист, ентузијаста, мотивациски и инспирациски говорник – Бојана Бејатовиќ

Парите се враќаат, но времето не … Спортист, ентузијаста, мотивациски и инспирациски говорник – Бојана Бејатовиќ

Правник по професија, уметник во душата, спортист на дело? Како ги поврзуваш сите овие професии?

Правник сум но учествував во работа со економски аспекти. Ја проучувам историјата и психологијата и секако ме интересира политиката. Цртам (секако непрофесионално), фотографирам (за добра фотографија правам сѐ, и секогаш се шалат на моја сметка “photography : level Asian) неодамна објавив и видео (можеби ќе ја започнам и таа бранша како vlogging) “Iceland through my lenses“, но е unlisted од листата на Youtube, може да се најде само преку директен линк, инаку не е достапен за пошироката јавност. Кога бев помлада пишував и кратки новели, дури и почнав роман во 2013 год. но го прекинав со цел да соберам што е можно повеќе искуство за да би објавила некој поквалитетен роман. Не погрешив, а се надевам дека ќе го финиширам во следниве 3-4 години.
Сметам дека личноста никогаш не треба да се ограничи на една работа и хоби. Човечките потенцијали се огромни – потребна е само желба за нивно откривање и силна волја за нивна понатамошна целосна реализација.
Сакам луѓе со отворен ум, добра смеа, добро друштво со длабоки и езотерични теми на разговор. Сакам патувања и откривања на нови места.

Секогаш ги слушаме прашањата: „Што сакаш да бидеш, што сакаш да работиш, каде се гледаш, каде се пронаоѓаш? “

Никогаш не сум сакала погодувања и игри на среќа и секогаш кога ќе ме прашале нешто такво сум одговарала колку да им ја задоволам заинтересираноста со нешто што они би сакале да го слушнат, а одвнатре секогаш знаев дека шахот е место кадешто се пронаоѓам и сум среќна. Поради тоа што кај нас сѐ уште владее она „ако немаш факултет си никој и ништо“ и „од шахот (спортот) нема леб,терај си факултетот“ (а овде една цветна економија…). Имам многу познаници кои имаат завршено факултет а не се пронаоѓаат таму. Што прават? Продолжуваат да бараат курсеви и останати хобија кои можеби ќе се претворат во долгорочен извор на животна кариера. И кога ќе видиме, тие “задолжителни“ години на факултет се изгубено време. Ми се допаѓа во Исланд и во Шведска, имаат поинаков едукациски систем, кадешто на децата им се остава 1-2 години во периодот по средното школо слободен простор да согледаат каде се пронаоѓаат.

Ние сме постоечко ремек-дело, но истовремено постојано еволвираме, се унапредуваме и сме континуирана работа во прогрес. Како соништата се претвораат во професија?

Истото се однесува и на нашите соништа, цели, визии и пасии, и нашите креации и постигнувања – оние кои веќе сме ги постигнале и оние кои се зацртани за да ги реализираме. Секогаш треба да се работи на сопственото ремек-дело. Да се продолжи да се сонува, да се продолжи да се креира, гради , учи, расте. Никогаш не треба да се застанеш, да се откажеш. Кога ќе паднеш, стани и почни одново. Можеби ќе се случи да паднеш повторно. Во ред е, си паднал во еволвирана, подобрена форма. Пробај повторно, континуирано. Тогаш ќе успееш.

Продолжи да ги градиш и надградуваш своите визии, да ги манифестираш своите соништа, да ги постигнуваш своите животни цели, да станеш подобар и да продолжиш по својот пат за кој знаеш дека си тука. Она што го заигрува твоето срце не е бесцелно. Тоа е твојата мисија. Како што нѐ фаќа паника кога ќе видиме 1-2% на батеријата од мобилниот телефон и трчаме да го земеме полначот, така треба да не фаќа паника кога нашите соништа лизгаат од нашите прсти. Никогаш не се откажувајте од вашите соништа! Препреките секогаш ќе се појавуваат, но она што е битно да не падне духот во човекот.

Како и во шахот, во се треба да се има стратегија. Која е твојата кога ќе те изненади ненадеен проблем?

Има различни методи за справување со разочарувањата и проблемите , мене многу ми помага медитацијата и позитивниот пристап за изнаоѓање на можностите кои се кријат во секој проблем. На секој проблем има соодветно решение. Тие постојат како причинско-последична врска.

Со медитацијата започнав пред 8 години, со една мала книгичка -“Развој на интуицијата“ од Свами Кријананда. Има 90-тина страници, но навистина ми остави голем впечаток. Од тогаш започна моето “просветлувачко“ духовно патување. Самоука сум во тоа поле, единствен навигатор ми е внатрешниот компас кој препознава што е она што е правилно.
Сметам дека е многу битно да се подигне и духовната свест меѓу луѓето, да се сфати дека секогаш има нешто повеќе позади она што првобитно го гледаме, а да се изостави материјализмот кој во денешно време нажалост преовладува поради егзистенцијата.
Топло препорачувам да се читаат книги, но не било какви туку оние кои го подигнуваат духот. Не ме разбирајте погрешно, немам ништо против класиците и останатите романи, сум ги читала и нив, но сметам дека е побитно да се земе нешто што може да изврши сериозно влијание врз начинот на размислување и начин на живот.
Екарт Тол е нешто што дефинитивно го препорачувам, некои негови книги се постојано со мене, потоа Естер и Џери Хикс, Свами Шивананда, Свами Кријананда, Џејмс Редфилд…

Светот е изгубен во материјалистичкиот хаос, што на некои тоа им одговара, но ме радува што сѐ поголем број на луѓе се запознаени и работат на духовноста. Тоа ќе им помогне да се пронајдат себеси и својата животна цел.

Насочена си кон предавања, обучување и будење на колективната свест на луѓето. Продолжуваш со правото или шахот ќе остане твојата најголема пасија?

Во мојата ситуација, со оглед на рано пројавената љубов кон шахот со сигурност постои некоја универзумска поврзаност со мојата лична мисија. Внимание ми привлекуваат езотерични работи а шахот итекако е една од нив.
Во поглед на правото , не би продолжила со адвокатура, едноставно не се пронаоѓам во тоа. Тоа е систем на целосно и детално регулирана материја (не секогаш правилно) со утврдени правила и норми и сложени меѓучовечки односи, а јас секогаш сакам да видам што стои позади и навор од тие правила и норми преку анализа на пошироката слика за да се дојде до вистината.

Секако , не би ја изоставила поддршката којашто ја добивам од моите родители, навистина сум благодарна што ме поддржуваат во секое поле. Родители за пример!
Гледајќи подлабоко, секогаш треба да изразуваме и практикуваме благодарност. Благодарноста ја истакнува исполнетоста во животот, таа е нејзин клуч. Го претвора она што го имаме во доволно па дури и повеќе. Го претвора одбивањето во прифаќање, хаосот во ред, конфузијата во јасност. Како што велат, благодарноста дава смисла на минатото, мир во сегашноста и создава подобра визија за иднината.

На тој начин, ќе бидеме среќни и присутни во сегашноста. На тој начин, едноставно го сфаќаме животот и сѐ во и околу него.

Шахот ми е сѐ. Моја пасија, извор на среќа. Мој Универзум.
Тој ги отвора вратите кон светот па и надвор од тоа. Ми овозможи многу. Ми ги промени начинот на размислување и донесување на одлуки. Ми донесе многу пријателства, запознавања, дружби, патувања. Запознав многу култури, традиции, начини на живот и самото тоа ми придонесе да имам широко отворен ум.

Потполно се согласувам со Travel. Your money will return, your time won’t.

дипл. спец. Оливера Антиќ

Главен уредник на VipHeart.mk