Повреда на предниот вкрстен лигамент (ACL) – дипл. физиотерапевт Димитар Антевски
Повредата на предниот вкрстен лигамент настанува при кинење на предниот вкрстен лигамент во коленскиот зглоб. Повредата најчесто се случува за време на спортски активности како на пример кошарка, фудбал, тенис, одбојка и скијање коишто вклучуваат ненадејно запирање и менување на правецот на движење.
Во зависност од сериозноста на повредата, третманот може да вклучи хируршка интервенција, проследена со рехабилитациони вежби за повраток на силата и стабилноста на зглобот.
Симптоми коишто се јавуваат за време на повредата и по неа се: силен звук на пукање, остра болка, оток на коленото којшто се влошува, чувство на нестабилност при одење и стоење.
Рехабилитациони постапки по оперативниот третман
Постоперативно на пациентот му се поставува имобилизација која ќе го држи коленото во потполна екстензија. Болничкиот престој е краток и трае од 1-2 дена а за тоа време важно е да се практикува криотерапија (да се аплицира мраз на коленото) и да се ординираат статички вежби за мускулот на надколеницата (quadriceps).
Пациентот се вертикализира користејки ортопедски помагала (патерици) и во зависност од хируршката интервенција се применува целосно или делумно оптеретување на оперираната нога.
Со екстендивна физикална терапија се продолжува по вадење на имобилизацијата.
Од 1-4-та недела од операцијата:
- cе применуваат статички вежби за quadriceps
- пасивни вежби за раздвижување на коленото
- вежби за целосна екстензија на зглобот
- криотерапија
- движење со патерици.
Од 4-6-та недела од операцијата:
- вежби за јакнење на quadriceps
- вежби за јакнење на задна ложа мускули на надколеница
- вежби за глутеална регија
- вежби за зајакнување на потколена мускулатура
- криотерапија по потреба (доколку се јавува оток).
Во оваа фаза се очекува пациентот да има целосна подвижност во коленото и да се движи слободно без помагала, да чувствува солидна стабилност во коленото при одење и да исчезнат болките.
7-ма и 8-ма постоперативна недела:
- се применуваат сите вежби од претходната фаза
- се додаваат вежби со отпор за јакнење на мускулна сила
- по консултација со хирург дозволено е лесно џогирање.
Од 8-та до 12-та недела:
- вежби со максимален отпор за целосно зајакнување на мускулите
- враќање на спортските активности по 12-та недела е дозволено по консултација со хирург и физиотерапевт.
Покрај вежбите, при третманот можат да се вклучат и терапевтски струи за намалување на болките и отокот во зглобот, како што се дијадинамски и интерферентни струи, ултразвучна терапија, магнетотерапија и сл.
Пожелно е да се вклучи и бањско лекување во фазата на раздвижување на зглобот за постигнување на подобри и побрзи резултати бидејки вежбите полесно се изведуваат во базен или хидрокада.

дипл. физиотерапевт