Пореметување во исхраната (втор дел)

Пореметување во исхраната (втор дел)

Постојат три основни категории во пореметувањето на исхраната, а тоа се:

  • Анорексија нервоза

  • Булимија нервоза

  • Компулзивно прејадување

Постојат како самостојни или комбинирани дијагностички категории, а како симптоми се среќаваат и во склоп на други психолошки пореметувања и здравствени состојби, како што се депресијата, опсесивно-компулзивното пореметување, гранично пореметување на личноста и сл. На пр., депресивната личност може потполно да изгуби или да добие во тежина, но, нејзините мисли не се преокупирани со исхраната – таа има негативни мисли за себе, другите и животот.

ШТО ГИ КАРАКТЕРИЗИРА ОВИЕ ПОРЕМЕТУВАЊА

За анорексија нервоза типично е:

  • редукција на земање на храна

  • борба против гладта поради своеволен и нерационален страв од дебелеење

  • одржување на минимална телесна тежина

  • искривена“ слика за себе и своето тело и непрестајно проценување на својот изглед

  • преокупираност со тежината и изгледот

  • аменореја (отсуство на најмалку три едно подруго менструални циклуси)

Чести последици на ова пореметување се ендокрини и метаболички промени и пореметувања на телесните функции. Се јавува неправилно работење на срцето, низок крвен притисок, несвестици, губиток на менструација, намалена телесна температура и неспособност да се поднесе студенило, косата и ноктите стануваат кршливи, косата паѓа, кожата е сува и жолта, се намалува мускулната маса, коските стануваат слаби и кршливи, зглобовите отечени, потоа добиваат анемија, опстипација, хронична несоница.

Ваквите личности покажуваат и психички пореметувања: депресивно расположение, раздразливост, несоница, социјалниот живот им е намален, се повлекуваат од друштвото. Патат од чувство на неадекватност и јака потреба да ја контролираат околината, а им недостасува спонтаност, иницијатива и тешко ги изразуваат чувствата.

За булимија нервоза типично е:

  • прејадување – конзумирање на голема количина на високо калорична храна при што личноста чувствува дека ја изгубила контролата и си се гади од самата себеси

  • намерно предизвикување на повраќање и изгладнување (претерано земање на лаксативи или таблети за излачување на течности) – околу 2 пати неделно во период од 3 месеци – обид да се поправи направената штета со неконтролираното јадење и така да се одбегне добивањето во тежина

  • комбинацијата на ограниченото јадење и задолжителното вежбање се доминантни во животот на ваква личност со цел да се контролира тежината

Прејадувањето воглавно се однесува на слатки и високо калорична храна и продолжува сè додека личноста не се почувствува непријатно или болно полна. На прејадењето му претходи типично намалено расположение, стрес од меѓучовечките односи, силна глад како последица на диетите или на чувствата врзани за телесната тежина или обликот на телото.

Телесните последици, како последица на зачестеното празнење од било кој вид, вклучува абнормалности на рамнотежата на течностите и електролитите. Присутен е губиток на желудниковата киселина од повраќањето, а чест е и проливот, како последица на употребата на средствата за чистење на цревата. Значаен и траен е губитокот на глеѓта, проширување на плунковите жлезди, лузни на надворешната површина од рацете, неуредна менструација или губиток на истата. Фаталните компликации вклучуваат напукнување, расцеп на желудникот, срцева аритмија, уништување на тврдото забно ткиво, лузни или калуси на горната страна на шаката, предизвикани од забите како последица од предизвикување на повраќање.

Знаци и симптоми на компулзивното прејадување:

  • неспособност да престанат да јадат и неконтролирано земање на голема количина на храна во епизоди (дури и ако не им се јаде), често во тајност, без предизвикување на повраќање

  • чувство на незадоволство или вина во текот или после прејадувањето

  • личноста верува дека ќе биде подобра и посреќна ако е послаба

  • прејадување

  • страв од неможност да се престане со конзумирањето на храна

  • срам заради телесната маса и одбегнување на некои дневни активности

  • чувство на омраза кон себе си после прејадувањето

  • спроведување на различни диети со цел губење на телесната маса

  • одбивање да се користи храна во јавност

  • гадење кон своите прехранбени навики

  • телесната маса е центарот на животот

  • депресија

Главна последица од ова пореметување секако е добивање на тежина и дебелина. Тоа доведува до мноштво емоционални проблеми, повлекување во себе, создава препреки во комуникацијата со другите луѓе и оневозможува нормално функционирање во текот на денот.

 

Лечењето на пореметувањата во исхраната

  • бара мултидисциплинарен пристап и тим на професионалци (гастроентеролог, психијатар, психолог, гинеколог и дијабетолог) кои ќе пружат целосен третман на заболените

  • болничко лечење со кое се воспоставува оптимална телесна тежина и опоравување на физичката состојба на личноста. Зголемувањето на телесната тежина може да се спроведува и надвор од болничките услови, доколку личноста е подготвена и способна за соработка

  • долготрајна континуирана психотерапија (когнитивно-бихејвиорален пристап, индивидуална)

  • семејна терапија

  • промена на поведението

  • медикаменти (најчесто антидепресиви).

Катерина Галеска

Психолог, Советник по КБТ