Пореметување во исхраната (прв дел)

Пореметување во исхраната (прв дел)

Секој од нас сака да изгледа убаво и да се чувствува добро во својата кожа. Човечки е да се посакува поубав изглед и да се поправат несовршеностите на телото.

Во последните децинии на XX век, свеста за штетноста од дебелеење и идеализацијата околу слабеењето се наметнати од светот на модата и филмот. Со тоа значајно се менувале навиките во исхраната, пред сè кај младите личности. Идеалите за убавина се менувале низ вековите и децениите, баш како и модните трендови. Пред само две генерации тежината на моделите била 8% пониска од тежината на просечните девојки, а денес таа разлика е 23%.

А што кога работите ќе излезат од контрола?

Кога преокупираноста со слабеењето ја превземе контролата над навиките во јадењето, мислите и животот тогаш тоа е знак дека пореметувањата во исхраната преовладуваат, се губи вистинската слика за своето тело и се запаѓа во уште полоша состојба која може да предизвика различни последици.

Пореметувањата на исхраната се сериозни здраствени болести на модерното време. Многу се поопасни отколку што делуваат, затоа што влијаат врз психичкото и физичкото здравје. Ги карактеризира абнормалниот став кон храната, загриженоста и насоченоста на поединецот кон контролирање на обликот и тежината на телото, пропратени со непримерен, нередовен или хаотичен внес на храна.

КАКО МОЖЕ ДА СЕ ПРЕПОЗНАЕ?

Доколку на следните неколку прашања одговорите потврдно, постои можност да имате пореметување во исхраната.

  • Дали сте опседнати со храната и дали се срамите од своето тело и телесната маса?

  • Дали повраќате, земате таблети или лаксантни средства подолго време?

  • Се изгладнувате ли?

  • Се чувствувате виновни и се казнувате после јадењето?

  • Вежбате ли премногу?

  • Поминувате ли премногу време во бањата?

  • Избегнувате ли разговори околу храната?

  • Ја мерите ли телесната маса повеќе пати на ден?

  • Се чувствувате ли депресивно и изолирано?

  • Дали често го менувате расположението?

  • Ги избегнувате ли друштвените активности со цел да го одржувате својот дневен режим на прехрана и вежби?

  • Ако сте жена, дали имате нередовен менструален циклус или ви изостанува менструацијата?

ПРИЧИНИ ЗА ПОРЕМЕТУВАЊА ВО ИСХРАНАТА

Пореметувањата имаат исти причини и фактори на ризик. Често се равиваат во склоп или после држењето на строги, рестриктивни диети, а во настанувањето најважна улога имаат психолошките причини.

Културолошки фактори – дебелината се смета како некултурна и несакана

Семејни односи – пореметувањата во исхраната се поприсутни кај семејства со строго воспитување и каде децата во сè се контролираат, па и во начинот на изразувањето на своите чувства

Карактеристики на личноста – истражувањата покажуваат дека личностите со болести на пореметувања во исхраната често се одговорни, ги почитуваат правилата и ги исполнуваат задачите. Иако другите ги гледаат како јаки личности, тие всушност се несигурни, чувствуваат дека не можат да го контролираат светот околу себе и затоа потпирка наоѓаат во контролата на она што го внесуваат во себе.

Катерина Галеска

Психолог, Советник по КБТ