Се воодушевувам на обични луѓе кои ја пронашле својата совршена среќа – Александар Јончевски

Се воодушевувам на обични луѓе кои ја пронашле својата совршена среќа – Александар Јончевски

Кариерата ја започнува во екипата на КФУМ Уппсала со У18 во Шведска, потоа помошник тренер во КК Работнички, од декември 2015 го предводи МЗТ како главен тренер, потоа станува помошник тренер на македонскиот национален кошаркарски тим. Избран е за најдобар македонски тренер за 2016 година во сениорска конкуренција. Бил главен тренер на Спартак-Суботица а сега е главен тренер на КК Кожув…..човекот – спортист со импресивна кариера во кошарката – Александар Јончевски.

1. Која е Вашата претстава за совршена среќа?

Живеење на сонот.

2. Кој е Вашиот најголем страв?

Прашање кое ми се провлекува од моментот кога почнав да размислувам што сакам да постигнам во животот, а одговорот е неуспех. Дали е тоа животно битно или цел поставена на база на неделна или месечна активност , сепак неуспех.

3. Со која историска фигура би се поистоветиле?

Би бил нескромен да се поистоветам со било која историска фигура.

4. На кого најмногу му се воодушевувате?

Се воодушевувам на обични луѓе кои ја пронашле својата совршена среќа.

5. Која Ваша карактерна особина не ја поднесувате кај себе?

Им верувам на луѓето и им давам премногу кредити.

6. Која е Вашата најголема екстраваганција?

Најголема екстраваганција е мојата огромна интровертност.

7. Кое е Вашето омилено патување?

Омилени патувања ми беа во градовите од ЕКС ЈУ Републики, посебно Загреб при натпревари од АБА лига. Иако сум патувал од Јужна Америка, САД преку цела Европа до Кина, сепак во Загреб уживам и после 50 посети.

8. Во кои прилики лажете?

Лажам кога лагата е нужно зло или помалку болна од вистината. Лажам кога од мене бараат и морам да дадам мислење.

9. Која карактерна особина кај човекот сметате дека е најпреценета?

Амбициозност што се граничи со лудило.

10. Кои зборови и реченици најчесто ги користите?

Со oглед на мојата професија најчесто користам мотивирачки изрази и говори, меѓутоа доста често сум и критички настроен.

11. Што не Ви се допаѓа во Вашиот физички изглед?

Тоа што сеуште не сум го достигнал оптималниот изглед, а верувам дека можам.

12. За што најмногу сте се покајале во животот?

Можеби затоа што не продолжив со фудбал, иако бев поталентиран отколку во кошарката.

13. Кој-а е љубовта на Вашиот живот?

Мојот син Јан.

 

14. Кога и каде сте биле најсреќни?

Кога дознав дека ќе станам татко.

15. Кој талент би сакале да го поседувате?

Па можеби било што во однос со музиката бидејќи сум тотален антиталент.

16. Како се чувствувате моментално?

Чувствата ми се менуваат неколкукратно за многу краток период. Во принцип смирено.

17. Што сметате за Ваш најголем успех?

Тоа што се борам самостојно за било што до сега во мојата професија.

18. Ако после смртта би се вратиле на овој свет, што би биле?

Би бил птица за да можам лесно да стигнам секаде и да истражувам, да бидам орел да нема опасност од страна и лешинар да не треба да повредам ниедно друго суштество.

19. Која е најголемата драгоценост која ја поседувате?

Не се врзувам многу за предмети бидејќи често губам работи, но имам еден часовник од моите родители што го носам секојдневно веќе 15 години.

20. Што претставува разочарувањето?

Нов почеток.

21. Со која професија(освен оваа) би сакале да се занимавате?

Сигурно би бил заплеткан со финансии и сметководства, бројките отсекогаш ми биле јака страна.

22. Кој е Вашиот идол (пример) во животот?

Има повеќе тренери низ светот, но и спортски работници и бивши спортисти од било кој спорт, кои ги гледам како пример или идоли.

23. Кој е Вашиот омилен сликар, а кој писател?

Омилен сликар немам, освен неколку дела на Пикасо кои ги сметам за интересни, а омилен писател ми е Фредерик Бегбеде.

24. Кој е Вашиот фиктивен јунак?

Чарли Харпер (2 ½ мажи).

25. Каде би сакале да живеете?

Дома.

26. Што најмногу мразите?

Свесно лажење.

27. Која човечка особина ве иритира?

Самобендисаност, големо его.

28. Кое е Вашето Мото?

Секогаш се завршува како треба.

29. Кои квалитети ги вреднувате кај мажите?

Образовани, физички активни и вкус за гардероба.

30. Кои квалитети ги вреднувате кај жените?

Самодоверба, одличен изглед, интелигенција.

31. Што е за вас вистински пријател?

Оној кој нема да ве предаде (лојален) за сметка на сопствениот интерес.

дипл. спец. Оливера Антиќ

Главен уредник на VipHeart.mk