Кога во една има десет
Еден од најмудрите цитатати на Меркес е дека човекот има право одозгора да гледа друг човек единствено тогаш кога му помага да се исправи. Пораката е дека единствено хуманоста може да биде изговор, ако некого во моментот, додека му ја пружате раката за помош, го гледате од висина.
Педагог и магистер по менаџмент, долгогодишен новинар, активист и волонтер во хуманитарни организации, автор на книги, прекрасен пријател и другар…..Јас би рекла десет во едно. Денес лугето како да живеат во свои микросветови и немаат слух за другите и нивните потреби. А факт е дека кога на некој ќе му помогнете, вие се чувствувате среќно и исполнето. Што е тоа што те иницира да работиш хуманитарна работа? Колку хуманоста се цени на нашите простори?
Постојат три начини како може да се помогне и да бидат сите задоволни. Кога некој ќе побара да му помогнеш и ти тоа го правиш, кога помагаш ако некој побара и остануваш анонимен и третиот степен е кога без да се бара од тебе, помагаш и остануваш анонимен. Ова го научив многу одамна и сметам дека треба секој да го знае. Со хуманитарната работа човекот се гради во здрава и совесна личност, така е пример за другите, себе сѝ си помага, а и на другите. Чувството на среќа и задоволство е второстепено, но да признаам многу е убаво. Кога ќе видите задоволно и насмеано лице, сфаќате дека заеднички сте го надминале проблемот и ви доаѓа да го гушнете целиот човечки род, топлина и убави емоции ве обземаат. И да не заборавиме дека поколенијата треба да ги учиме на такво однесување. Се чини дека нашиов народ тоа добро го знае. До сега хуманоста сме ја докажале многупати, поплави, пожари и земјотреси, болни деца и возрасни, гладни, сиромашни и бездомни, сите добивале помош од многу добри луѓе во нашава Македонија. Верувам во луѓето кога треба да се помогне.

Новинарството е занает, а способноста да се биде добар новинар се вика професионализам. Како долгогодишен новинар од различни сфери на работење кои атрибути себеси би си ги припишала – идеален,подобен,независен,вистински,наш….
Нема да биде нескромно ако кажам дека себе си се оценувам како професионалец.Ова ќе го потврдат колегите со кои сум работела низ годините. Кога почнав да работам во Македонско Радио реков дека ќе работам се , само политика не и останав доследна на тоа. Иако еден колега со кого заедно почнавме ми рече дека погрешно сум избрала, сепак мислам дека определбата ми беше повеќе од добра, одбрав страна која ме отсликува мене. Работев во контактни редакции, во информативна водев образование,социјала, медицина,култура, а работев и на емисии за деца. Никогаш не зазедов ничија страна, а тоа е професионализам. Секогаш максимално се подготвував за секој разговор, емисија, репортерско јавување и секоја друга форма на информирање. До последната емисија подготвував сценарио и со соговорниците се договаравме за текот на разговорот. Особено сум им благодарна на поискусните мои колеги – новинаришта и одлични пера од Македонското радио, од нив научив многу, за новинарството, но и како да работиш во тим, да ги почитуваш другите со кои работиш (сниматели, монтажери, камермани…..) и да знаеш дека само заеднички правите добар производ. Секако дека и мојот сопруг ми помогна многу во совладување на занаетот.Тој дипломиран новинар, јас педагог имав многу за учење и совладување, а кога си млад не се плашиш од ниту еден предизвик, па така и јас се втурнав случајно во оваа професија и пливав добри 27 години. Навистина сум горда на многу мои успешни емисии, репортажи,репортерски јавувања, прилози и текстови кои беа информативни пред се,сработено професионално.

Вашата професионална определба и патувањата секако одат заедно.Кои дестинации се предизвик за тебе- авантуристички,романтични,егзотични ????
Многу сакам да патувам.Го наследив тој ген од дедо ми Бен. Сакам и професионално да патувам , но и туристички. Кога одиш на службено патување, не успеваш многу да видиш од градот или земјата, но запознаваш колеги со кои можеш да размениш многу информации и остануваш во контакт за понатамошна евентуална соработка. Такви патувања што ми останале во преубаво сеќавање се патувањата во Дурбан – Јужна Африка и Каиро – Египет. Незаборавно искуство. А ако треба да бирам каде би поминала одмор за релаксирање, ќе одберам – некаде покрај море. Ако бирам патување за истражување Индија, за да ја видам иднината Јапонија, за романтика Португалија , авантура очекувам во Куба, а егзотика во Доминикана. Инаку сум посетила многу земји, едно време ги броевме со сопругот , ама веќе не, веројатно бројката не е важна кога ќе надминеш 10.
Наоѓаш време и за креативна работа……Во што Жаклина се пронајде додека ги одмара мислите по напорниот работен ден?
Креативната работа е супер терапија за динамичен период. Кога ќе свиснеш од обврски, фати се за креативна работа, тоа е мој испробан рецепт. Кога бев во средно училиште почнав да работам со хартија, изработував честитки. Тоа ми беше одличен филтер за напорните корчагински денови, уживав во изработката на честитките, а подоцна и на украсните кутивчиња. Бидејќи динамиката во мојот живот не исчезнува никогаш, јас продолжив со креативната работа и до ден денес изработувам ракотворби во разни техники. Оваа моја страст кон ракотворството ја споив со хуманитарната моја активност, па неколку пати до сега ги обединував ракотворците и организирав хуманитарни базари. Колкава убавина е тоа, создаваш и помагаш. Па како да не си насмеан и среќен, како да не го сакаш животот.
Кога како личност толку многу работи сакаш да направиш,има ли барем една која мразиш да ја работиш?
Навистина сакам многу да учам, читам, патувам, да се дружам, да помагам… и да не набројувам што се не, ама да не ми дадеш пегла. Толку не сакам да пеглам што немам зборови за да кажам. Не сум љубител и на готвење, ама сакам да вкусувам разни нови јадења.

Твоите авторски дела за деца и возрасни предизвикаа голем интерес кај публиката која сака да чита. Која е инспирацијата и за оваа твоја активност?
Пишувањето секогаш сум го сакала и ме бидувало. Тој мој талент го откри наставничката по македоски во основно – Зора Петрова. Откако ми укажа, ме окуражи, се распишав, па почнав да добивам награди и да ми објавуваат текстови. Уште како дете сакав да напишам книга , ама не знаев како се прави тоа. Мислев треба да пораснеш, па тогаш ќе знаеш. Така и се случи.Првата книга ја објавив во 2002, втората во 2018 и последната ја промовиравме на Саемот за книга 2019. Трите книги како да се компензација за неискажаната моја професија која ја студирав , а подоцна и магистрирав – педагогијата. Во трите има дел од оваа наука, обработен на различен начин. Првата „ Образованието во кибуците“ е наменета за возрасната читателска публика, а последните две за децата. Иако имам објавувано текстови во списание, портал, весник, книгата е посебна магија. Пишуваш и уживаш во сопственото патување во кое зборовите ти се превозно средство, а речениците автопати по кои одиш до целта. Така се раѓа книгата, таа загатка ја открив кога пораснав. Уживам во пишувањето, а добивам уште повеќе елан кога ќе добијам повратна убава информација за напишаното. Па така по убавата промоција на книгата „Деби Му го разбуди бувчето“ која е продолжение на „Мозаикот на Деби Му“ , концептот за новите истражувања на Деби Му е веќе готов, се крчка новата авантура.

Које твојот следен таргет?
Имам многу таргети врзани со моето ново работно место. Од неодамна сум во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија . До следното дружење со Випхарт ќе се потрудам да станат видливи, па ќе има за што да зборуваме.

Главен уредник на VipHeart.mk

