Каде отидоа моите заби низ годините?
Дали сте забележале како низ годините кај некои луѓе горните заби стануваат се помалку и помалку видливи? Најчесто луѓето со овој проблем се јавуваат со изјава дека “забите им се трошат” или “ненадејно се скршил работ од вилушка” или “забите повеќе не ми се гледаат кога се смеам”.
Пациентите вообичаено доаѓаат со барање да ја подобрат естетиката, најчесто несвесни дека позади ова “трошење” на забите стои функционален проблем.
Поголем проблем настанува кога на овие барања ќе се пристапи со селективно естетско решение. Новите реставрации ги чека слична судбина како и претходните природни заби, односно неурамнотежените сили на џвакање кои довеле до првичното трошење на глеѓта, ќе доведат до кршење и на порцеланот или мигрирање (движење) на забите.
Само функционалното забало може да биде естетско. Функционалната стабилност на бочните заби ја дава стабилноста во естетската зона.
Во денешно време, пациентите често самите индицираат што е потребно да се изведе во нивната уста и тоа е замка во која многу неискусни колеги паѓаат. Затоа, појдовна точка за солидно и трајно решавање на овој проблем е правилна дијагноза, т.е. лоцирање на функционалниот проблем кај добро обучен и вешт протетичар. Пропустите во овој чекор доведуваат до неуспеси и често менување на протетските решенија, нелагодност и нефункционалност на истите.
Што да очекувате кога ќе се обратите за решение на ваков проблем?
Од прегледот, анализата на рентген снимките, анализата на т.н. студио модели од устата на пациентот, како и проучувањето на индивидуалниот образец на џвакање кој довел до каскадните промени го одредуваме степенот на функционално нарушување , т.е. се класифицира степенот на “истрошеност” на забите. Врз основа на овие резултати ние изготвуваме план на третман, кој може да вклучува различни постапки за балансирање на гризот од селективно состругнување, преку ортодонтска терапија, па се до целосно протетско решавање.
Она што е особено важно е дека не секој пациент со “истрошено” забало има потреба целосно протетско решение. Во случаи кога дисбалансот е минимален и лесно решлив со конзервативни методи, нашиот пристап е минимално инвазивен.
Неколку фактори се клучни за долгорочен успех на вакви сложени протетски решенија. Пред се, тука секогаш зборуваме за темелен пристап на тимот, вниманието кое докторот ќе го посвети на деталите и особено комуникацијата со пациентот. Оваа неизоставна карика, разговорот со пациентот не води од неговите желби и очекувања, разбирања за терапијата, како и соодветна грижа за новите реставрации во годините кои следат.
Незаобиколен и многу важен фактор за успех е современата дигитална дијагностика, CAD CAM технологијата и материјали со кои во денешно време располагаме. Со помош на современите дигитални алатки, ние имаме можност целосно да се доближиме до идеалната функција и естетика. Овие алатки ни овозможуваат брза и ласерски прецизна изработка на високо естетски решенија. Истовремено, пак со современите порцелански материјали се доближуваме до природниот транспарентен ефект на природни и “младешки”заби, без притоа да се одзема преголема количина забна маса. Современите циркониумски и останати порцелански решенија се исклучително цврсти и при дебелина од 0.5мм, со што остануваме доследни на принципот за минимална инвазивност.
Промената на забите е голема промена за секој човек, како сте сигурни дека новите заби ќе пружат комоција во џвакање и говор?
По прецизната анализа и планирање на ваквите сеопфатни решенија, денеска најпрво изведуваме пробна прецизна изработка од ласерски избрусен композитен материјал, кој е далеку поекономична варијанта од порцеланот. Тој се одликува со пристојна естетика и врвна прецизност, но трајноста е најчесто доволна само за пробен период. Тоа е прериодот во кој ги тестираме функцијата, фонетиката и естетиката. Сите корекции ги изведуваме на оваа пробна реконструкција, која пациентот ја носи и до неколку недели.
После овој период пристапуваме кон скенирање илли отпечатување на оваа состојба и изработка на реплика од траен, високо естетски порцелан со ласњрска прецизност.
Крајниот резултат се огледува во трајност на решението и комоција при функционирањето, кое не креира нови проблеми по меките ткива (пародонот). Истовремено, пукањето на овие реконструкции е многу ретко, благодарение на темелната анализа и суштинското решавање на проблемот (функцијата), а не само замаскирување на истиот со реставрација само на предните заби.

Спец. по стоматолошка протетика

