Упорно ја бараме, а клучот на среќата е околу нас – Др. Синоличка Џамбазова

Упорно ја бараме, а клучот на среќата е околу нас – Др. Синоличка Џамбазова

Мојата животна среќа од дете почнав да ја барам во желбата да бидам хирург. Најсреќна бев кога наместо кукли за подарок ќе добиев детска лекарска облека и стетоскоп. За да го остварам мојот детски сон и да го преточам во реалност ми требаше многу труд, големи жртви и многу непроспиени ноќи.

Во однос на мојата професија имав среќа да учам од најдобрите професори во светот од областа на хирургијата на рака – микрохирургијата. Имав чест да работам со врвни хируршки имиња, и секако беше голем предизвик за мене да соработувам со професори од таков калибар и да бидам дел од најсложените операции на горниот екстремитет – раката. Пресреќна сум што два пати бев прогласена меѓу 100 – те најдобри доктори во Македонија.

Максималната подршка од моето семејство ми беше sвезда водилка да се помине трнливиот пат, да се чекори напред. Се чувствував привилигирана и бескрајно среќна што ме воспитувале брилијантни родители. Тие безрезервно со целото свое срце и душа ми го покажаа вистинскиот пат, по кој цврсто чекорам, не штедејки време, трпение и љубов.

Љубовта е основниот двигател во животот. Без неа животот не би имал никаква смисла. Затоа и Шекспир рекол: Да се сака во животот еден час е својствено за животните, да се сака во животот еден ден е типично за човекот, а да се љуби цел живот една личност тоа е својствено за боговите.

Среќна сум бидејќи уметноста, поезијата и музиката се дел од мојот живот. Уметноста како огледало на умот, израз на чувства, а емоциите како компас на нашето постоење. Музиката има сила да ве води и исполнува низ животот, и во неа е вткаено секое чувство: болка, радост, тага, смеа.

Вљубеник сум во убавиот пишан збор. Талентот го наследив од мојот татко, писателот Ненад Џамбазов, и јас и мојот брат Предраг Џамбазов .

На прво место во мојот живот ја ставам добрината, хуманоста, човечноста, вистинското и искреното пријателство.

Ја почитувам љубовта како најголема движечка сила и смисла на животот. Ја сакам природата, цвеќињата и сонцето. Најсреќна ме прави насмевката и прегратката на моите најблиски, особено мојот син Данило, мојот свет.

Др. Синоличка Џамбазова – ортопедски хирург

empty-author