Кралицата на македонскиот шах – Бојана Бејатовиќ

Кралицата на македонскиот шах – Бојана Бејатовиќ

Како започна мојата спортска приказна?

Се сеќавам како да беше вчера – на 4 годишна возраст пројавив желба за оваа древна игра, а мојот дедо (таткото на мојата мајка) започна да ме учи како се движат фигурите. Во истиот тој период мојот татко настојуваше да ме воведе во кошаркарските води, но желбата за шах беше поголема. На 7 годишна возраст изразив цврста желба да тренирам и да се бавам со овој спорт а на 8 годишна возраст започнав да тренирам во шаховската школа на Димитар Невчевски и Петар Евросимовски – „Перспектива“.

Кога и да се спомне шахот како спорт се добиваат различни ставови околу тоа а и самата слика во очите на луѓето добива поинаква димензија особено кога станува збор за женска личност (сѐ уште постои одреден степен на сексизам) . Факт е дека е реткост на денешницата некој да се бави со ваков спорт но сепак тоа зависи од изборот кој го прави опкружувањето / општеството за тоа на кои полиња да го посвети своето внимание. (да речеме, во Русија воопшто не е чудна појава).

Започнав да настапувам на официјални турнири само 3 месеци откога почнав со шаховски часови (првата лекција ми беше во февруари 2004 а започнав да се натпреварувам на државни младински првенства во јуни 2004).

Тогаш не успеав да се квалификувам на светските и европските првенства за млади, но веќе следната играв во Белфорт, Франција на светско првенство за млади до 12 години.

Што е тоа што ме привлече кон оваа игра, дали може да се спореди шахот со нешто друго што е слично?

Тука постои одреден парадокс. Шахот може да се спореди со сѐ, но истовремено тој ужива сопствена единственост и уникатност. Тоа е така поради тоа што шахот има удел во секој сегмент од животот затоа што значајно влијае врз начинот на размислување и процесот на донесување одлуки.

Кога би го претставиле хиерархиски, според мене шахот би го заземал врвот на пирамидата поради суштинското влијание врз сите останати сегменти , или со други зборови, шахот е мозокот кој ги движи процесите на донесување на одлуки во било кој сегмент од животот.

Шахот навистина помага и во секое поле може да се почувствува неговото влијание, затоа што пред сѐ, влијае на начинот на којшто човекот размислува, на начинот на донесување одлуки , се развива и поттикнува креативноста како и логичкото размислување ,се создава систем на брза одлучност и определување на степенот на важност на самите работи со помош на системот на елиминација, концентрација и фокусирање на конкретните работи на кои е потребно да се посвети моменталното внимание.

Целосно се согласувам со Карпов кој вели “Шахот е сѐ, уметност, наука и спорт“. Навистина сѐ е опфатено со оваа игра која истовремено е и голема мудрост, наука (поткрепено со фактот на постоечки факултети за шах во Русија) , неисцрпен извор на креативност и фантазија затоа што колку и да се истражува и да се оди подлабоко во шахот толку повеќе се согледува дека има бескрајна длабочина со сепак конкретна пресметка и динамика.

Шахот е навистина длабока интелигенција и божествена креација. Познато е дека постојат многу повеќе варијанти и комбинации во шахот отколку атоми во опсервирачкиот Универзум. Таа вредност е позната како Шенонски број, кој ги претставува сите можни комбинации. Проценето е дека во шахот има измеѓу 10^111 и 10^123. За споредба, бројот на атоми во опсервирачкиот Универзум е проценет на 10^80.

Значи шахот навистина е неисцрплив извор на можности и креативност.

Што ми донесе, а што однесе шахот?

Како и сѐ останато , така и шахот си бара посветеност и време. Најчесто постигнувањето големи успеси е поврзано со вложување и “жртвување“ на одредени работи.

Некои го жртвуваат шахот за кариерно усовршување во други неспортски води, некои пак ја жртвуваат работата за целосно посветување и шаховски професионализам.
За разлика од другите спортови , овде не се бара само физичка подготвеност (затоа што е потребна кондиција проследена со правилна исхрана за да се издржи со високо ниво на концентрација во текот на целата партија која може да трае и до 7 часа!) се бара и психичка подготвеност (во смисла на сталоженост, смиреност, присутност, концентрираност, (јас би вклучила и медитациски елементи во овој сегмент), теоретска и практична подготвеност и секако искуство.

Во поглед на времето кое е потребно за да се достигне нешто значајно, јас сѐ уште сум во процес на усовршување. Долг е патот кон шаховскиот врв. Но сепак, времето како мерлива единица за означување на континуитет или дисконтинуитет на движење по одредена линија е релативна работа. Знаете како велат – „Некогаш се потребни 10 години за да дојдеме до таа една година која ќе ни го промени животот“.

Само е потребен континуиран процес на себеусовршување, успехот на тој начин е неизоставен.

Самото бавење со шах во мојот живот донесе многу големи успеси и познанства но најзначајно – влијаеше врз мојот начин на размислување и целиот поглед кон светот.

Негативни страни како и кај секој спорт се финансиите (во мојот конкретен случај јас настапувам како индивидуалец, немам клуб и единствен извор на финансии се моите родители.

Патувања и настапи

Омилените спомени поврзани со шахот се секако дружењето и ширењето познанства и дружби со широки глобални хоризонти ,но секако не изостануваат убавите спомени поврзани со големите достигнувања и успеси.

Поголеми успеси во шахот:

  • Освоено II(второ) место на Меѓународен турнир Варна,Бугарија за девојчиња до 12 год.2006 год.
  • Освоено II (второ) место на Меѓународен турнир во Мурек,Австрија,категорија до 12 год. – 2006 год.
  • Освоено I (прво) место на Меѓународен турнир во Мурек,Австрија,во категорија до 14 год. – 2007 год
  • На екипно првенство во Марибор,Словенија во 2009 год,во категорија до 15 год,остварен 100% резултат на прва табла ( 9 поена од 9 партии) – освоено I (прво) место
  • Седумкратен првак во Македонија на младински првенства во женска конкуренција (категории до 12,14,16,18 год) и освоено второ место на државно првенство до 18 год во машка категорија.
  • На Универзитетски натпревари во 2017 освоени први места и во машка и во женска категорија со 7 поени од 7 партии (100% резултат се натпреварував само со машки поради поените) но при прогласувањето бев тргната од листата во машката категорија со образложение дека морало машко лице да добие прва награда (?!) , а претходната година во 2016 освоив трето место во машка категорија кадешто не беше проблем да се додели пехарот за освоено трето место. На крајот за да биде ситуација “и волкот сит и овците на број“ иако воопшто не беше ни едното ни другото, ми доделија само една диплома за освоено прво место за жени и напишано со маркер со мали букви (севкупен победник).
    Не ми е до пехарот воопшто , се продаваат по 150-300 денари, а и ги имам еден куп, само има одредена етика и морал што треба да се запази, а и Правниот факултет беше оштетен поради тоа што настапував под негово име, а на крај никаде не беше прогласено дека Правниот факултет има водечки шах на Универзитетските натпревари.

Во репрезентативниот состав сум од 2008 кадешто олимпијадата се одржуваше во Дрезден, но поради финансиски недоразбирања и манипулации женската репрезентација не учествуваше на истата, Ханти-Мансиск (Русија ) 2010 год, Истанбул 2012, Тромсо (Норвешка) 2014 и Баку 2016) , Батуми 2018 а следната година повторно во Ханти- Мансиск (Русија,Сибир) 2020.

Самото присуство е значајно за да се осети тој натпреварувачки дух којшто постои меѓу мноштвото земји а и да се биде меѓу големите имиња на шахот.

Голем успех имавме на Европското тимско првенство во Крит 2017 со нашиот капитен Александар Чоловиќ, кадешто делевме 20то место со Франција и Белорусија, земји кои се голем поим во шахот.

Разочарувања и препреки

Постојат подеми и падови во секој сегмент,секој дел од животот. Единствена разлика е како човекот реагира на таквите работи -дали го мотивираат или го депримираат. Некои се фокусираат на проблемите, некои на можните алтернативи за решавање на проблемите.Јас спаѓам во втората категорија на луѓе – наоѓам можности за континуирано подобрување и усовршување во секој сегмент од животот и не се ограничувам само на една-две работи со кои се бавам.

Голем минус во мојата шаховска кариера беше во 2011 на Европското првенство до 18 години во Албена, Бугарија, таму имав голем пад од -40 рејтинг поени, но брзо се вратив.

Како континуирана препрека се финансиите, поради тоа што во текот на целата моја шаховка кариера , единствено моите родители се извор, а тој извор сепак, не е толку длабок.

Пример, сега бев во Рејкјавик кадешто запознав многу пријатели кои ме поканија веднаш на турнири, еден во Иран, друг во Данска, трет во Турција, четврт во Шпанија и тоа се едно по друго до август. Но, финансиите не ми го овозможуваат тоа, а и самиот настап во Исланд не беше евтин, имајќи во предвид дека Исланд е втора земја по Швајцарија како најскапа земја со просечна плата од 3600 евра.

Поддршката ми ја даваат моите родители а сметам дека има улога и мојот карактер а и самото мое име зборува за себе – “Бојана води потекло од старословенски во преносно значење “борбен,борец, оној кој е истраен и води битки“.

Шахот во Македонија

Шахот се соочува со реални потешкотии во нашата земја. Во светот држава лидер е Русија но сепак во светскиот врв се и Кина, Америка, Украина и Индија.
Кога настапуваме на светски настани-на Олимпијадите, најчесто сме во средишниот дел од табелата.

Со оглед на рано пројавената љубов кон шахот со сигурност постои некоја универзумска поврзаност со мојата лична мисија. Внимание ми привлекуваат езотерични работи а шахот итекако е една од нив.

Имам завршено право ,но сепак не би продолжила со адвокатура, едноставно не се пронаоѓам во тоа. Тоа е систем на целосно и детално регулирана материја со утврдени правила и норми и сложени меѓучовечки односи, а јас секогаш сакам да видам што стои позади и навор од тие правила и норми преку анализа на пошироката слика за да се дојде до вистината.

Насочена сум кон предавања, обучувања и будење на колективната свест на луѓето.

дипл. спец. Оливера Антиќ

Главен уредник на VipHeart.mk

Поврзана содржина