Секогаш спремна за маратон – Менче Точи

Секогаш спремна за маратон – Менче Точи

Дамата која долги години плени со својата интелегенција, шарм, бев влакна на јазикот, директна и несопирлива, способна и успешна, дамата со вип срце … Една и единствена Менче Точи.

Тајниот рецепт за твојата успешност како човек и професионалец?

Немам таен рецепт. Како човек секогаш си го слушам срцето и разумот. Тие ми се најдобар патоказ. Интелегенцијата ми доаѓа како поен плус на тоа. И тука го наоѓам жуборот на животот и непресушната енергија што ја давам несебично. Упорна сум и ако треба поместувам планини за да реализирам нешто што го сакам. Но, никогаш на штета на другите. Успешноста на професионален план лежи во многу труд и работа. Работата ми е задоволство, иако исцрпува до последен атом.. Талентот во мал процент игра улога. За мене работата е исцелување, некогаш и лек за душата, бегство од мислите кои често се насочени кон саканите кои си заминале во вечноста и не се повеќе меѓу нас. Се што сум направила во животот на професионален план е со многу труд и без ничија помош. Секогаш го одам најтешкиот пат, учам од сопствените искуства. Во работата како и во животот не правам импровизации, си поставувам високи критериуми.

Кога не би го работела ова што го работиш, што би работела?

Немам дилема. Сигурно ќе се занимавав со внатрешен дизајн. Не знам дали ќе студирав архитектура, не сум размислувала, но знам дека големо задоволство ми причинува внатрешно уредување на домот. Тоа би го работела со уживање. Сакам да му давам форма на мебелот, исто така. Креативна сум. Инаку, жал ми е што мојата дарба за пишување поезија ја потиснав со новинарството кое е многу стресна професија. И во одреден момент во животот одлучив дека она малку што остана од пишување поезија ќе го чувам само за себе, дека не сакам да ја споделам со јавноста, односно да бидам поетеса.

Кога ќе удриш во ѕид, дали наоѓаш начин да пројдеш низ него, да го заобиколиш или да го прескокнеш?

Секако дека проаѓам низ него, секогаш одам со глава во зид. Нема заобиколување. Па, бик сум во хороскоп, нели се смее). За некои луѓе можеби сум необична, или поинаква, но знам дека секогаш сум индивидуалец. И правам се најдобро што можам. Многу давам од себе, перфекциониста сум во работата.

За да ја добиеш најдобрата верзија на себеси дали се фокусираш на долгорочни или краткорочни цели?

На краткорочни, чекор по чекор. И патот сам се отвора. Не сакам да правам долгорочни планови, може да се случи нешто да не оди како што треба и не сакам разочарувања. Мислам дека во животот не треба да имаме големи очекувања, само треба се усмериме правилно и успехот доаѓа неминовно, но со труд, се разбира.

Дали во животот секогаш си можела да се потпреш на својата дефанзива, или можеби на некои резултати подобро се остваруваат на јуриш?

Не никогаш не одам со дефанзива, особено не сакам да ја користам слабата страна на луѓето. Можеби јуриш на помлади години, но сега на оваа воздраст со стратешко, мудро дејствување. Тоа си доаѓа со годините.Тука е и искреноста која е одлика на мојот карактер, така што мислам дека некогаш засметува кај луѓето.

Имам чувство дека храброста е твојот генерален став во животот?

Да, така е. Не смее да се има страв, јас не се плашам од ништо. Секогаш чекорам храбро и во приватниот живот и во работата. А, во новинарството мора да се биде храбар, особено во истражувачкото новинарство, инаку може да се потклекне на притисоци и закани.

Колку внатрешната сатисфакција претставува најдлабока емоција за животна среќа?

Па, да внатрешната сатисфакција е најважна. Таа преставува појдовна основа за се в животот. А, среќата само се надоврзува, расте и блика во нас во зависност од разни животни ситуации.

Што е за тебе животна среќа и кој се е дел од неа?

Животна среќа ми се моите најмили, моето семејство, синот и сопругот. Нема ништо поважно од љубовта и среќата со најблиските. А, љубовта ми е мотив и инспирација за се. Ја наоѓам секаде. Ја сакам природата и цвеќето. Особено ги сакам животните, ме фасцинира тој чуден свет кој знае да сака искрено. Тешко ми паѓаат сликите од напуштени или малтретирани животи.

На кој начин Менче се опушта во она малку слободно време што го има?

За да стигнам се, мора некаде да се скрати, да има одрекувања од нешто. Во мојата професија е многу тешко да се постигне баланс во се или да се постигне се на време. Затоа често ми се случува да правам по 2-3 работи одеднаш. Заради тоа скратив од вечерните излегувања, од дружењата со пријатели, малку време останува за по некоја претстава. На концерти избегнувам да одам, не ја сакам гужвата, не можам да уживам во музиката со многу луѓе. Јас во некој смисол сум самотник, сакам сама да уживам во малите нешта. Дури кафето дома уживам да го пијам сама, со своите мисли. Се опуштам дома, со музика, наоѓам време и за малку читање книги, гледам модни ревии на познати креатори, како и уредување на куќи што често има на странските канали. Тоа ме одмора. Ја сакам и уметноста во сите нејзини облици и ќе излажам ако речам дека не наоѓам начин да уживам во неа.

Дали сметаш дека само личноста која се сака и почитува себеси, може да ги сака другите? Или луѓето со големи срца се ставаат себеси секогаш во втор план?

Секогаш се ставам во втор план иако сум свесна дека прво мора да најдеш сила за себе за да можеш да даваш на другите. Во животот постојат правила, но што би било, ако сме сите исти. Јас сум така создадена. Сакам да помагам на другите, особено на немоќните, на обесправените. И тоа така и ќе остане.

дипл. спец. Оливера Антиќ

Главен уредник на VipHeart.mk