Како до поголема себеодржливост

Како до поголема себеодржливост

Во сржта на нашето однесување се наоѓаат вредностите. Вредностите кои се однесуваат на односот со животната средина се основните столбови за промена на човечкото однесување кон одржливиот развој. Човечката духовна димензија се смета за посебна карактеристика на човечките суштества. Постојаното истражување на причините за уништувањето на животната средина открива различни причинители. Следејќи ги причините на прво место се наоѓаат колективните желби и аспирации кои го подржуваат општеството да биде подржувач на процесот на загадување во воздухот, водата и земјата, промена на климатските промени и изумирањето на илјадници видови.

За да се одржи системот на одржливост потребна е свесност од секоја единка засебно. Емоционалната, социјалната и еколошката димензија се есенцијални димензии за нашата универзална човечка интелигенција. Во комбинација заедно даваат многу повеќе отколку секој дел засебно. Петте клучни практики на интеграција на емоционалната, социјалната и еколошката интелигенција се:

  • развивање на емпатија за животот
  • вклучување на одржливоста како практика на заедницата
  • да се направи невидливото видливо
  • предвидување на ненамерните последици и
  • разбирање за тоа како природата го одржува животот

Преку емоционалната интелигенција од состојба во која препознаваме емоции и мотиви, стигнуваме до состојба во која истите ги менуваме. Нашиот успех и постигнувања во животот често му го припишуваме на степенот на развиеност на емоционалната интелигенција и примената на емоционалните вештини во деловниот свет. Високата емоционална интелигенција означува постоење на повисока емоционална зрелост, бројни искуства и успешни моменти. Емоционалната интелигенција се пренесува на три нивоа: на ниво на семејството, на ниво на организацијата и на општеството.

Духовната интелигенција се дефинира како збир на ментални капацитети кои придонесуваат за свесност, интеграција и адаптивна примена на нематеријалните аспекти на нашето живеење и овозможува поединецот да прави длабока егзистенцијална рефлексија, разбирање на суштината, самопрепознавање. Таа ги претставува повисоките вредности, значењето и смислата на постоењето и како тие влијаат на нашите одлуки и акции. Со помош на духовната интелигенција секој од нас може да стане посвесен за пониските мотивации (на пр. страв, завист, его) и како да ги трансформира во поодржливи повисоки мотивации ( на пр. креативност, помагање во заедницата, грижа за животната средина и сл).

Улогата на духовната интелигенција е да имаме увид во значењето на работите, темелните вредности и чувство на смисла во нашиот живот, како и улога кои тие ја имаат во нашите стратегии и мисловни процеси. Со развојот на духовната интелигенција се развива и подлабока свесност за себе си, за материјалниот, но и нематеријалниот свет кој не опкружува. Таа не чини поцелосни и ни овозможува да интегрираме многу фрагменти од нашите животи, активности, и истовремено ни помага да еволуираме, тежнеејќи кон повисоките мотиви и можноста да делуваме од нив.

Емоционалната и духовната интелигенција се многу битни за одржливиот развој, бидејќи ни овозможуваат да го согледаме поширокиот контекст во кој се одигруваат настаните и да имаме поширока перспектива на глобално ниво. Камен темелник на емоционалната и на духовната интелигенција е самосвеста. Меѓу дванаесетте критериуми за индивидуата која има висока духовна интелигенција е самосвеста (да се знае во што се верува, да се знаат своите вредности и највисоки мотиви, свест за најдлабоките сопствени животни цели). Нашата самосвест може да ни помогне прво да се грижиме за себе, за својата себе-одржливост, а потоа и да се грижиме и придонесеме за одржливиот развој на глобално ниво.

Неколку пати во текстот беше наведена улогата и одговорноста од секоја превземена одлука и акција. Затоа наместо заклучок, ви предлагаме сега за момент да бидете самосвесни и да размислите на следново:

  • Што можам да направам денес за себе и за своето здравје?
  • Што можам јас како поединец да направам за одржливиот развој?
  • Колку моите делувања се во склад со заштитата на животната средина?
  • Дали при донесувањето на одлуки како потрошувач ја земам в предвид и животната средина (на пр. амбалажата на производот, видот на енергија кој го користам, количината кои ги користам, рециклирањето и сл.)?

Проф. д-р Ангелина Танева Вешоска – Директор на Институтот за животна средина, енергетика и градежништво ИЕГЕ

empty-author