Како зелените површини влијаат врз вашето здравје?
Основната потреба на луѓето што живеат во градовите, да стапат во контакт со некоја форма на ,,природа”, вклучувајќи ги зелените површини, парковите и растенијата на улиците, ќе биде сè поважна. Зелените области како градини, игралишта и спортски терени, како и шуми и природни ливади, мочуришта или други екосистеми обезбедуваат простор за физичка активност, релаксација и формираат засолниште од бучава. Растенијата произведуваат кислород и помагаат да се филтрираат штетните загадувања на воздухот, вклучувајќи ги и штетните честичките во воздухот како ПМ2.5 и ПМ10. Водните површини како езера, реки и фонтани, имаат значителна функција за намалување на температурата и ја врзуваат водата и почвата, со што придонесуваат во борбата против климатските промени.
Според публикацијата на Обединетите нации, World Urbanization Prospects – The Revision 2018, 55% од светската популација живее во урбани области. Урбаното население во светот брзо се зголеми од 1950 година со 751 милиони (30% од светското население во тоа време) на 4,2 милијарди во 2018 година. Околу еден од осум урбани жители живеат во 33 мегаградови со повеќе од 10 милиони жители. До 2030 година, во светот се предвидува дека има 43 мегаградови, повеќето од нив во регионите во развој, а до 2050 година, 68% од светската популација ќе живее во урбани средини според предвидувањата.

Зелените површини се исто така важни за менталното здравје. Бројни истражувања покажауваат дека урбаните зелени површини помагаат во физичкото и менталното заздравување на анксиозноста, справување со стресот и подобрување на однесувањето и карактерот на луѓето. Неодамнешните проценки покажуваат дека физичката неактивност, поврзана со недостатокот на пристап до рекреативни области, одговорна е за 3,2% од глобалните смртни случаи, а надворешното урбано загадување на воздухот е одговорно за 1.3 милиони смртни случаи годишно – се наведува Светската здравствена организација во Health Indicators of Sustainable Cities објавен во 2012 година. СЗО препорача достапност на минимум 9 м2 зелен простор по глава на жител, додека идеалниот Урбан зелен простор (UGS) изнесува 50 м2 по глава на жител. Според нова студија објавена во International Journal of Environmental Health Research, престој во парк на само 20 минути – дури и ако не вежбате или пешачите додека сте таму – е доволно за подобрување на благосостојбата.

Оваа тема беше дискутирана на втората работилница на проектот TREASURE од страна на Вероника Мора, Директор на Ökotárs-Унгарската Партнерска Фондација за заштита на животната средина, во соработка со Институтот за истражување во животна средина, градежништво и енергетика (ИЕГЕ). Целта на проектот TREASURE е да влијае врз создавањето на здрава иднина за нашата земја со одржлив начин на живот, зелени вештини и стратегии кои се одразуваат на економијата, општеството и животната средина. Еден од најважните приоритети на проектот е развивање на вештини за креирање одржливи практики, поттикнување на тимско работење и решавање на комплексни проблеми. Проектот TREASURE е финансиран од International Visegrad Fund. За повеќе информации, посетете: http://www.iege.edu.mk/index.php/en/treasure/


Помлад истражувач ИЕГЕ

