Посакувам нашиот полуматурски „журка“ модел да ги зарази и другите училишта

Посакувам нашиот полуматурски „журка“ модел да ги зарази и другите училишта

Разговораме со педагогот Рената Поповска

Огромно значење во светот на учењето имаат амбиентот, енергијата и топлината што зрачaт од училиштето, а уште повеќе ако се создаде нешто ново како нашата нова „outdoor“ училница – Клуб Фонтана, вели Рената Поповска и додава дека на 7 јуни ги урнале стереотипите пренесувајќи ја полуматурската прослава од кафеана во училишниот двор.

Замислете си една ваква слика: педагог во училиште со син работнички мантил и бор-машина в рака присутен е час во училиштето, час во дворот… Уште една слична појава, инаку одделенски наставник, го прави истото. На двајцава им се придружува уште една личност, исто така одделенски наставник. Во нивните раце – мајсторски алат. Нивно фреквентно движење е забележано во еден од најзапустените делови од училишниот двор. Ништо помалку активни не се ни цели групи деца, кои на одморите меѓу часовите доаѓаат во дворот и веднаш се фаќаат за работа. По 16 часот има и родители. Секој нешто прави… „На прва“ сето ова во најмала рака звучи откачено, можеби за некои и комично, за други дури и „секташки“.

Но, се работи за една извонредна идеја на вечниот ентузијаст Рената Поповска, педагог во скопското О.О. У. „Лазо Трповски“, во Карпош 3. Уметник во слободно време, кој 5 минути не седи на едно место, сега е исправена пред една голема иницијатива со клучни зборови училиште, училишен двор, полуматура. Поразговаравме со неа.

Го крена на нозе цело училиште да го средите дворот. Зошто токму сега и зошто токму дворот?

Затоа што училиштето може, треба и мора да биде омилено место за учениците. Образованието и воспитувањето не се само во учебниците и во дневникот, во наставните и воннаставните активности. За мене огромно значење во светот на учењето имаат амбиентот, енергијата и топлината што зрачат од училиштето, а уште повеќе ако се создаде нешто ново како нашата нова „outdoor“ училница – Клуб Фонтана.

Приказната започна кога дојде време да се организира нашиот 5-децениски јубилеј. Идејата беше да се создаде нешто што ќе ги одбележи сите овие педесет години постоење, но и да остане како трајна вредност за наредните педесет. Еден руиниран простор во склоп на училиштето кој некогаш бил замислен како училишна фонтана за одмор и релаксација, а со текот на времето целосно запоставен, беше огромен предизвик да влеземе во нова авантура. Идејата ја ставив на хартија, хартијата ја потпиша директорката Нора, таа ми рече дека верува во мене и во моите идеи,.. сѐ раскажав, раскажаното ми го прифатија две наставнички Јана и Александра, хаусмајсторот Јосе, голема група вредни ученици, неколку родители со свои донации и градоначалникот Стефан Богоев со помош околу финиширањето на проектот. Три месеци стани си-легни си со „оф оф оф“, болат раце, мускули, кашлање од боите,.. ама со трчање во школо и секој ден со нови идеи и нови предизвици. Ама кога завршивме, кога ја удривме последната метла пред отворањето, кога децата нѐ гушкаа од среќа и кога едно мое учениче ми рече: „Педагогу, фала што ни правиш да ни е убаво“, епа има ли поубаво нешто!?

Сега, во нашата Клуб Фонтана се држи настава, помалите дечиња имаат најуникатно место за играње, поголемите наместо да „зјапаат“ во телефоните ги ангажираме да го одржуваат цветниот аранжман, да си прават „седенки“ со гитарче под борот, тука се игра шах, се прават забави, тука сега си уживаме и многу ни е убаво! Па ако креативноста е заразна, нека се пренесе насекаде!

Првпат по многу години, да не речам децении, полуматурската прослава од кафеански амбиент вие ја заменивте со прослава токму во новоуредениот двор. Како поминавте? Како се чувствуваа децата со оглед на тоа што отскокнуваа од конвенционалното кафеанско славење?

Тоа не беше журка, тоа беше „ЖУРКИШТЕ“. Нашите полуматуранти беа одушевени. Ќе се обидам да ви направам паралела, ама прво морам да потенцирам дека еден долг период, да не речам цело второ полугодие, класните Тања и Баже работеа на еден т.н. проект со децата „Да го замениме Раста, Џала брат и MC Stojan со Queen, Depeche Mode, David Bowie, New Order, The Cure Значи, да се разбереме, станува збор за сериозна ангажираност. Секој класен час учениците имаа задача да научат по еден хит од споменативе легендарни музичари, а со тоа да заборават на „Ноќи немирне“, „Адио аморе“, „Млада и луда“, „Удахни дубоко“ и такви некои наслови. Понеделник, осум часот наутро, ѕвонето за час и се слушаат„Radio Gaga, Personal Jеsуs“, „Friday I’m in love“…

Tоа беше основниот предуслов за да се слави полуматура во дворот и уште нешто… На девојчињата им беше кажано да не се купуваат скапи свадбарски фустани и штикли 12-ка, зашто прво, ќе личат на тетки и второ, штиклите ќе им се заковаат во бекатонот и ќе се заглават, што значи ќе има опасност да го утнат терминот за упис!

Така, откога им направивме темелна подготовка и заклучивме дека се „печени“ за вистинска журка, менаџирањето на прославата започна. Мајката на Марија, Мими Ќука, ни рече, вие создадовте простор и преубава енергија, јас ќе се погрижам за техничкиот дел и многу сме ѝ благодарни.

Дојде 7 јуни, полуматурата во Клуб Фонтана во „Лазо Трповски“. Ја урнавме кафеанската традиција: наместо жива музика со турбо фолк рефрени го имавме DJ Борјан со „фул“ опрема како во најголемото диско во градов, наместо класична вечера за децата седнати на маса без зет и невеста имавме коњопои во разни бои со шарени балони и закуска по мерка на тинејџерски вкус, наместо главна маса за наставниците имавме подиум со врвни светлосни ефекти и разиграни среќни деца со кренати раце горе до три часот по полноќ заедно со класните и наставниците.

Уште се зборува за нашата полуматурска забава, децата долго ќе ја паметат оваа фантастична забава, а ние во кафеана веќе не славиме. Традицијата ќе ја продолжиме со следните генерации!!!

Во уводот напоменавме иницијатива. Поврзана е токму со промена на моделот на овие прослави, односно, иницијатива тие да се вратат во рамки на училиштето. Како може да се реализира тоа?

Сѐ се сведува на креативност. Креативноста е измислување нови нешта, бегање од стереотипите, излегување од комфорната зона. Се разбира, за тоа треба желба и добра организација, ама и сродни души, а тие се секогаш тука некаде, само треба да се препознаат. Во секоја генерација има родители кои ги поддржуваат нашите идеи, секогаш има ученици кои со своите таленти, афинитети и потреби отвораат можност за создавање нешто ново и поинакво, всушност,тие ми се најголемата инспирација, секој ден го будат детето заспано во мене, а тоа е мошне, мошне темпераментно.

Искрено посакувам овој „журка“ модел за полуматурска прослава да ги зарази и другите училишта. Сите да славиме во училишниот двор, хол, сала или каде што ќе си прилагодиме и украсиме одреден простор, исто како дома. Па, нели нема поубаво од домашна забава, тоа е исто како да одите на слава во кафеана, не е тоа тоа?

Во слободно време се занимаваш со уметност, и тоа мошне успешно. Колку сета работа со дворот е  твој уметнички проект и дали имаш уште нешто на ум?

Во дворот имам многу мои лични изработки, велосипед од дабови дрва, прозорчиња, бувчиња, предмет налик старинско радио направен од клима уред, куќички за цвеќе, сите исцртани ѕидови се моја измислица и секој ден си ги доцртувам, потсредувам, дотерувам и „скришно“ си се радувам. Многу сакам да истражувам нови уметнички „handmade правци, сакам да пробувам, да грешам, да учам. Сакам да се пренесам себеси во најразлични креативни варијанти и сите луѓе на светов да ги направам среќни!!!

Евридика Николовска-Шашкова

Новинар