Родена под среќна ѕвезда – Вики Ристоска – Чадиковска

Родена под среќна ѕвезда – Вики Ристоска – Чадиковска

Добар човек е личност која е добра спрема себеси, свесна за своите желби и потреби, која комуницира јасно и директно, кажува што прифаќа, а што не. Со таквите личности знаеш на што си, иако секогаш не ви одговара тоа што го кажуваат. Отмена, чесна, чувствителна, одговорна, самоуверена, независна, со добри манири и полна со почит спрема сите околу неа.

Вистинската нејзина сила е во непоколебливоста, огромната добрина и љубов која ја има во нејзините мисли, ја изразува со зборови и ја потврдува со своите дела. Тоа е личната карта на Вики Ристоска – Чадиковска – Маркетинг директор во Државната видеолотарија, новинар-водител во „Метрополис“ радио, дамата која можеме да ја видиме на сите можни настани, реклами……активна и неуморна.

Велат дека за да се одржи животот во движење треба голема страст. Некого да сакаш, да го работиш тоа што го сакаш, и да се надеваш на тоа што го посакуваш. Кого Вики неизмерно сака, што сака да работи, што посакува и на што се надева?

Го сакам семејството. За мене тоа е клучната животна алка која ме насочува кон вистинските избори. Го љубам мојот сопруг кој е мојата животна инспирација и секојдневна поддршка. Ги сакам моите деца Дарин и Деница. Ги сакам малите работи кои го прават животот убав. Сакам да му се радувам на сонцето кое се буди додека го пијам утринското кафе, го љубам дождот кој паѓа, се радувам на птиците кои пеат, на убава книга, на прегратката за добро утро од мојот син…

Она што лежи зад нас, и она што лежи пред нас не е ништо во споредба со она што лежи во нас. Што носиш длабоко во себе во моментов?

Сите ние носиме делови од семејството на кое припаѓаме. Носиме спомени кои оставаат свои вредности во нашата душа. Јас сум човек која сака да простува и да ги заборави сите лоши епизоди, а од нив да ја исцрпи само лекцијата која може да ја понесе како некој значаен фактор при донесувањето на некои свои одлуки, сегашни или идни. Не верувам во совршенства, затоа што не сме божества. Сите ние имаме свои добри и лоши страни, па затоа и сметам дека најдобро е да се запознаеме убаво себеси, за да знаеме што треба потоа да очекуваме од нас, од нашите одлуки или избори. Добро е да ги познаваме границите во нашите карактери, но и вештините кои ги поседуваме, за да може да ги шириме, обликуваме или надградуваме. Секој од нас учи додека е жив. Она што го знам денес, може да ми користи и утре, она што ќе го научам утре, може да ме направи помудра. Секој ден е нов предизвик за знаење.

Љубовта претставува почеток на секој живот и секоја уметност, а вредноста на едно дело зависи од уметникот, односно од неговата способност да сака. Од каде ја црпиш неизмерната љубов кон семејството, работата, пријателите, околината… ?

Љубовта ја црпам од моето семејство. Тие се мојата муза, мојата непресушна инспирација. Тие се мојата најзначајна алка која ме буди и ме исправа да чекорам гордо без оглед на ветриштата и бурите кои ме напаѓаат. За нив живеам. Тие се моето засолниште и во добро и во лошо. Семејството за мене е сè.

Би рекла дека твојата карактерна особина е жестокиот карактер. Мислиш ли дека жестокиот карактер на човекот е негова силна и непобедлива војска?

Во суштина не сум толку жестока. Повеќе би рекла дека сум поборник за чиста комуникација и искреност. Убедена сум дека секој од нас може да згреши, но нема да се случи ништо лошо ако признае дека погрешил. Во таа насока, секогаш инсистирам да имаме чиста и јасна комуникација. Не сакам да си легнам со незавршена караница, со неразјаснети работи. Сакам секогаш да имам чиста комуникација. Па, дури во неа да се содржани и најжестоките критики за мене. Јас сум човек кој сака да простува, но и да признае кога ќе погреши и да се извини. Сакам да го најдам доброто во сè и во секој.

Неуспехот станува успех ако ја научиме лекцијата. Што е за тебе термометар  за успех?

Валоризацијата на успехот секогаш доаѓа од околината, иако за мене важен е судот на моите блиски. Успех е ако може да промените нешто кон подобро, успех е ако може да придонесете повеќе за заедницата во која живеете. Успех е и ако научите нешто ново од вашите деца. Успех е ако вечерва си легнете со насмевка на лице и задоволство во душата. Успехот е менлива категорија. Но, морам да признам дека е значаен дел од нашите животи, најчесто и поради нашето лично вреднување.

Како се носиш со стресот и притисоците на секојдневниот живот? Дали секој може да прифати добронамерна критика?

Тоа е животот. Не можеме да очекуваме тој да тече како бајка. Мора да се научиме дека постојат животни циклуси. Денес ви е убаво, но утре можеби не. Во принцип, јас сум човек кој се преиспитува себеси и она што го направил. Не дека сè зависи од мене, секогаш. И секако, критиките се добра лекција. Па дури и злонамерните. Тие може да придонесат до реално преиспитување и откривање дали навистина си во право или не. Критиките не прават подобри. Мора да научиме да биде објективни и секако, најважно од сè, мора да знаеме дека не треба да се допаднеме секогаш и секому. Тоа е едноставно невозможно. Најважно е да научиме да прифаќаме, за да може да растеме. Секој од нас, верувам, точно знае чиј суд го смета за меродавен, при валоризирање на изборите кои ги прави.

Како се учи оптимизмот и како да бидеш и останеш добар човек?

Веројатно тоа се семејни вредности кои се пренесуваат од колено на колено. Моите ги научив од моите родители, татко ми и мајка ми. Дел прифатив секако и од мојот сопруг. Сите тие како вредносни лекции се трудам да им ги пренесам на моите деца. Не постои проблем кој е нерешлив, но мора прво да признаеме дека има проблем. Тоа е мојата лекција за оптимизам. Секој проблем има решение, само треба да го најдеме. Што се однесува до другиот дел, јас сметам дека нема лоши луѓе. Има само луѓе со кои можеби судбината си поиграла, па поради тоа станале сурови. Секој во животот ќе ја научи својата лекција за човечност, некои порано, некои подоцна. Јас секогаш настојувам да го најдам убаво и доброто во секој човек.

Толстој рекол – „Вистината е секогаш јасна и едноставна, препознатлива по леснотија на зборот… но лагата е секогаш збогатена, речита, замрсена и сликовита“. Зошто реши да магистрираш на „Лажните вести“?

Затоа што тие се предизвикот на новото време. Не дека не постоеле порано. Од секогаш човештвото се бори со гласините. Сега е пренагласено поради брзината со која патуваат, овозможено од дигиталната револуција. Лажните вести се вирус кој го напаѓа општеството, брзо и интензивно. Нивната цел е да се предизвика некоја реакција, поточно незадоволство кое ќе предизвика поларизација во општеството, ќе го поткопа интегритетот на главните политички актери и нивните политики, ќе ја релативизира работата и кредибилитетот на медиумите, ќе предизвика недоверба во институционалниот систем, но и ќе креира скептицизам и недоверба. Лажните вести ги искривуваат вредности, создаваат подвоеност и недоверба. Поради пласманот на лажните вести, брат со брат може да се искара. Нам ни треба смирување, спречување на семето на омраза и раздорот, кое брзо се шири, поради ветерот од шпекулациите кои пристигаат преку одредени медиуми. Тоа е мојот предизвик за овој избор.

Дали секој сам е ковач на својата среќа и твоето мото за професионалец во кариерата, успешен брак и среќно семејство?

Моето мото е: Семејството е сè. Со нив си силен и при бури и ветришта, но и во сончевите денови. Убаво е кога можеш да ја делиш среќата еднакво како и тагата. Со семејството сè е поубаво и поинтензивно.

дипл. спец. Оливера Антиќ

Главен уредник на VipHeart.mk