Сонцето на ТВ Сонце – Виолета Петровска Периќ

Сонцето на ТВ Сонце – Виолета Петровска Периќ

Личности кои се одлично едуцирани да од премногу информации кои се појавуваат во етерот, ги одберат оние најважните, да ги пренесат на јавноста на примерен начин и истовремено да и го објаснат на јавноста нивното значење и веродостојноста.

Колку денеска новинарството е комплексна и општествено важна професија?

Иако глобализацијата наметна брз технички развој и со тоа достапност на многу информации до секој од нас, за кои во минатото сме можеле да се информираме само преку она што новинарите ќе го достават до нас и за кои професијата новинар имаше поголема тежина, сепак сметам дека новинарството се уште игра голема улога во општеството. Иако како што ни е познато се уште не е целосна слободата на медиумите, се надевам дека во иднина тоа ќе се смени и новинарството ќе биде објективно и дека новинарите без никаков притисок ќе ја извршуваат својата професија. Ние сме сепак седма сила и важен сегмент во општествениот живот.

Дали во времево на технолошката револуција мислите дека улогата на новинарот е незаменлива?

Да, за жал со технолошката револуција многу работи се променија, но улогата на новинарот и неговиот труд за креирање на јавното мислење и информирање за сите сегменти од живеењето е незаменлива.

Според Вашите искуства, разликата помеѓу медиумот радио и телевизија?

И двата медиуми се електронски и за разлика од пишаните медиуми си имаат и радиото и телевизијата своја магија, бидејќи тука постои контакт со публиката. Но сепак постои разлика, бидејќи сметам дека телевизијата е посилен медиум од радиото затоа што покрај гласот имате можност да ја видите личноста која Ви го пласира. Со сите информации е посугестивна улогата на новинарот, а со тоа има и поголемо влијнаие врз јавното мислење. Телевизијата има посебна магија. Кој не работел во телевизија не може да го почувствува тоа. Затоа и ја сакам телевизијата како медиум повеќе од радиото.

Медицина, култура, вести, екологија… се темите на Вашето поле на интерес. Како се снаоѓате во морето информации?

Кога сте новинар се ви буди интерес, и секако дека треба подготовка за секоја тема и поле на интерес. Не е ништо тешко кога се работи со љубов. Кога ја сакате својата професија и кога она што го работите ви го покачува адреналинот тогаш тоа е полн погодок.

Читајќи ги Вашите поетски редови би ве ставила во групата на романтични уметнички души. Како Вие карактерно би се опишале?

Многу емотивна, искрена, креативна, темпераментна, човечна и полна со разбирање за секого. Впрочем во моите поетски текстови тоа најмногу се чувствува.

Кои човечки вредности се патоказ низ Вашиот професионален и приватен живот? Кого бирате за пријател и соработник?

Сакам разбирање и убав збор, не сакам кавги, па поради тоа гледам да сум опкружена со личности кои се слични на мене, со кои можам да комуницирам на убав, искрен и човечен начин. Иако нели соработниците не можеме да ги бираме, но секако се обидувам со секого со кого соработувам да имам убав однос. А додека пријателите секако дека треба да ги имаат основните човечки вредности, да бидат искрени и човечни. Да знаат да ги почитуваат моите вредности.

Има ли нешто што не успеавте да реализирате до сега, а имате голема желба?

Искрено мојата најголема желба беше да работам во телевизија како медиум и тоа ми се исполни, и сето тоа што можам јас да го дадам како новинар во мојот медиум во Телевизија Сонце досега сум го остварила. Иако долго време водам и уредувам емисии од различен тип, а веќе пет години емисијата за здравство Ваш Термин, сепак најголем предизвик е да се биде спикер на Вести за еден новинар и тоа има посебена магија.

Би сакала да напоменам дека во телевизиското новинарство ме воведе почитуваната Јасна Саздовска која ми даде правилни насоки и сум и многу благодарна за тоа и секако мојот професор по новинарство Веле Смилевски со кого имав можност секојдневно да разговарам за новинарството.

Вашата најголема љубов?

Љубовта кон детето е нешто посебно, нешто незаменливо и трајно. Мојата се вика Тијана и денес има 17 години и е втора година во средно музичко, свири пијано и прекрасно пее. Од првиот момент кога ја видов таа стана моја најголема и единствена љубов, која ме прави среќна и горда мајка.

дипл. спец. Оливера Антиќ

Главен уредник на VipHeart.mk