Човекот е среќен онолку колку е способен да ги усреќи другите – Ана Гапо

Човекот е среќен онолку колку е способен да ги усреќи другите – Ана Гапо

Често се прашувам, што е среќа, дали таа се мери со некое пријатно чувство и убаво расположение или е пак само поим и состојба која не двои од секојдневните трки и фрки, проблеми, таги, болки…?!И до кристално јасна дефиниција сеуште како да не успевам да дојдам. Од проста причина што се што останало како спомен (на кој веројатно сакам да се сеќавам се убави, а другите- лошите не ги ни помам). Како и да е, додека го дефинирам тој поим, сакам да сум среќна, сакам да ми е убаво или барем благопријатно и кога не се чуствувам така. Можеби и возраста и искуството го прават своето- сега, за разлика од порано, децидно знам што сакам и знам што не сакам. А, многу сакам и многу работи ме прават среќна, ми даваат на моменти крилја да полетам и да верувам дека и утре сонцето ќе грее.

Денес на пример, колку и да звучи банално, на Зелениот пазар во центарот на Скопје се чуствував како да сум на најубавото место во градот. Петочна турканица меѓу тезгите која воопшто не ми пречеше, полни тезги, познати малски лица-продавачи, месари, пекари… И длабоко го живеам тој миг како да сум во светска ботаничка градина. Полнам батерии во лет и со забрзан чекор одам кон дома, патем галејќи две улични- малски кучиња и мачки. Радоста во нивните очи и движењата што им посветив малку љубов и внимание, ми даваат нов полет. Ги сакам сите животни, се што мрда и што дише и да имам можности како некој супер стар, во светски рамки, мислам дека би имала најголем стационар за животни – фарма без граници, каде сите би биле згрижени, здрави и сити.

Кога за прв пат на училиште, се соочив со визуелната реална анатомска големина на човечкото срце, сметајќи го само како орган, двигател на човечката машинерија, не бев свесна за неговата големина. И сега се прашувам како е возможно во едно такво мало органче да има толку големи можности и простори за љубов, омраза, болка, тага нервоза. А анализирајќи го сопственото срце осознав дека иако навистина е мало, во моето има толку многу простор за сакање, за разбирање, простување, сочувствување……..

Сакам речиси се околу мене. Среќна сум со моето семејство и иако секој од нив е различен и тежок на свој начин, но тие се мој живот. За нив ништо не ми е тешко да правам. Ниту пак ми е тешко било што за сите мои блиски и сакани, а машала ги имам побајаги. Често знам да кажам дека во животот материјално немам постигнато ништо повеќе од секојдневно преживување и кров над глава, но затоа сум богата, како мултимилијардер со блиски, драги луѓе кои секогаш ми се тука и за арно и за лошо, исто како и јас за нив.

Секој украден миг за брзинско кафе пиење во налудничнава дневна агенда со било кој од моите другарки и другари ми е полнење на батерии. Благословен да е Томас Бел и неговиот телефон, зошто без него животот би ми бил празен- бидејќи секој од нас е со свои обврски и кусок од слободно време, а со сите редовно се слушам во текот на денот, без разлика дали е за убаво или за некој проблем. Спокојна сум кога сите драги лица се спокојни. И моите колешки ме прават среќна, зошто иако сите три сме сосема различни, функционираме како едно. Единството на работното место, за мене е многу важно зошто во денешно време, онаму каде што ја обезбедуваме сите егзистенцијата, сметам дека меѓучовечките односи се од животна важност. Онаква каква што сум, не знам како професионално продуктивно би функционирала со некој во своја близина кој едноставно заради својот карактер не ми е по мерка.

Пред многу години работев во НИП Нова Македонија, тогашен бастион на издавачката дејност во Македонија и екипата со која тогаш работев и бевме како едно, и ден денешен функционира на ист принцип. Иако не се слушаме и гледаме многу често, нашите средби се како времето да застанало. Тие дружби ми се вистински празник за душата. Секој од нас буквално знае се за другите. Прво се кажува што кому се случило во меѓувреме, потоа преоѓаме на проблеми вакви и онакви, за да потоа паѓаме од смеење за се и сешто, и на крај со тешко срце се разделуваме доцна во ноќта. Таа врска која трае повеќе од 20 години и тешко е да се опише. Треба да се доживее. И сите молчешкум знаеме дека за што и да треба, сите сме секогаш тука еден за друг, а тоа со пари не се плаќа. Потоа неколку дена живеам од доживеаното со тие драги лица. Тоа е среќа.

Зборувам за среќата, зошто едноставно не сакам ниту да мислам на сето она што ме прави несреќна, што ми влева страв и несигурност. Среќата во овие години поинаку ја доживувам од порано, зошто низ животот и се што тој ми донесе со себе, научив да им се радувам на мали нешта, да функционирам од моменти иако се краткотрајни.

За разлика од пред некоја година, не дека среќата и убавото чувство ги мерам на кантар, но многу работи престанаа да ми значат нешто посебно: шопингот помалку ме интересира, безполезно губено време во празни муабети кој, како, што, зошто, парадирање по скопските кафулиња (дневни и ноќни шеми) одење на бучни места каде што ни конобарот не ме слуша што нарачувам… Душата ми е уште со младешки дух (знам уште да се палавам), ама кога ќе се погледнам анализирачки во огледало, јасно ми е дека повеќе не сум иста, дека се менувам, па поради тоа среќата ја доживувам на некаков поинаков начин- посмирен, но и со страв, да нешто да не ми ја помати .

Круна на мојата среќа, секако дека е мојот син, и колку и да сум грешела и можеби и понатаму грешам во однос на неговото воспитување (иако е сега возрасен и потешко прима), знам дека додека сум жива ќе бидам зад него. Сакам заедно со него да ја доживувам и неговата среќа. Веројатно е тоа во генот на родителите, особено на нас- мајките.

Моето животинско царство ми е посебна радост, убавина заради кои сум во состојба да правам и дури невозможни работи. Ги негувам, хранам, чешлам, бањам, лекувам, ги гушкам, а за возврат нивната љубов е моја душевна храна. Неизмерно ги сакам исто толку колку што тие ме усреќуваат.

Среќна сум затоа што сум здрава, а и сите мои драги луѓе, кога сите сме сити и за ништо не сме страдни. Среќна сум што го живеам животот ( би можело малку и полежерно ако даде Господ), што имам минато и спомени и се надевам дека има уште иднина пред мене. Мојата мисија на Земјава е да усреќувам се што е околу мене, иако понекогаш е на моја штета, но се надевам дека ќе трае. Денес е најлесно да си тажен, незадоволен, лут на себе си и на сите околу себе, да кукаш врз својата судбина. Човекот е среќен онолку, колку е способен да ги усреќи другите!

Ана Гапо – новинар

empty-author