Ласа никогаш не замина од Будимпешта…

Ласа никогаш не замина од Будимпешта…

Летото `87 или `88 година, не се сеќавам точно, отидовме во Будимпешта. Мајка ми и јас. Со воз. Од Скопје до Белград. Па до Сомбор. Од Сомбор до Суботица… Па до рајот. Мајка ми остана,.. пишува авторката во новелата „Ласа“, Наташа Димитриевска Кривошеев.

Пред неполн месец, во просторот „Булевар на книгите“ на издавачката куќа „Матица Ексклузив“ во Скопје се одржа промоцијата на третото издание на новелата „Ласа“ на авторката Наташа Димитриевска Кривошеевa. Книжевното дело „Ласа“, кое првично излезе 2010 година, е исклучително емотивна, вистинска приказна од почеток до крај, во која ќерката пишува за починатата мајка. Освен што ја „покрива“ комплексноста на односот мајка-ќерка, дава увид и во сложеноста на една личност израсната како дете-бегалец и нејзиното „(не)снаоѓање“ во многу понатамошни животни аспекти. Притоа, и историскиот контекст неизбежно се наѕира од позадината на книгата. На овие теми разговараме со авторката.

Зошто трето издание на „Ласа“?

Затоа што се потроши второто (хахахахахааа…)

Стоте примероци од првото издание на „Ласа“ ги подарив на семејните пријатели и непријатели токму како што пишува на задната страница на корицата од книгата насловена според името на мојата мајка. На мое големо изненадување, „Ласа“ поттикна интерес веројатно затоа што темата е актуелна секогаш и не застарува… Така бидна второ издание коешто речиси се потроши на промоцијата и минаа девет години оттогаш. Годинава е десетта по ред како мојата мајка замина, но не нѐ напушти! Третото дополнето издание е по повод десеттодишнината од смрта на Ласа Скендерова Кривошеева, и тоа го одбележавме со негова промоција.

РАЗБИРАЊЕ ЗА СИТЕ ПРЕТХОДНИ И ИДНИ ВРЕМИЊА

Оваа книга, твојот интимен прирачник за односот мајка-ќерка, ги поместува или поточно ги продлабочува границите на поделба на овие семејни улоги, со што некако природно произлегува прашањето до каде е мајката, до каде е ќерката?

Да, еден од коментарите на тие што ја читаа „Ласа“, во третото издание е токму тој: прирачник за мајки и ќерки. Е сега јас ја немам таа привилегија да сум мајка на ќерка и сум сиромашна со тоа искуство, но, имам друго исто толку предизвикувачко, оти сум мајка на син. Без разлика на полот на чедото, родителството е благороден, но тежок занает. Додека беше жива мајка ми, не знам зошто, ама некако едвај се разбиравме, иако говеревме ист јазик. Како да не успевав да ги исполнам нејзините очекувања на начин на којшто таа очекуваше!? Или таа едноставно премногу очекуваше, не знам!? Знам само дека во еден миг се најдовме во централната точка. Се разбравме за сите претходни и идни времиња. Сега, иако не е тука во истиот свет со мене, ние двете совршено се разбираме! Јас патувам низ годините што таа ги доживеа и се обидувам да го сочувам споменот за неа. Тоа е како да ѝ се обраќам, а таа ми возвраќа преку магнолијата што ја расцутува секој април во дворот во Лисиче каде што пораснав, токму во месецот кога замина во вечноста.

Книгата е крик на љубов кон мајка ти Ласа, како што велиш самата, најважната личност за тебе со која имаш комплексен заемен однос, впрочем, како секоја мајка и ќерка. Под плаштот на љубовта, кои други пораки и ги испраќаш на починатата мајка?

Една од многуте пораки што најчесто ѝ ги испраќам е таа кога ѝ се лутам што се откажа од животот. Ѝ се лутам што желбата да умре ѝ беше посилна од таа да остари. Верувам дека и сега би се нагодила со Господ за повратна карта само за да ни каже дека таму ѝ е добро. Пораките до Ласа се во третото издание. Ѝ пишував секоја година по една подолга или покуса порака, зависи дали ќе ме инспирираше Божиќ кога таа е родена или Велигден кога замина.

Какви се тие пораки? За што и колку гласно треба да зборуваат?

Пораките кажуваат дека сѐ, ама баш сѐ, може и е препорачливо да се одложи кога се во прашање миговите со најблиските. Само тие се бесценети. Прегратката што ја чувствуваш уште пред да ја отвориш вратата. Погледот што го пресретнуваш на полпат, кога зборовите се непотребни, оти знаеш што ќе каже, па се воздржуваш,.. мирисот на мама што останал во куќата од која си заминал пред години… Ама тоа се мигови за кои мислиме дека ќе траат вечно. Не. Потоа би дале вечност за еден миг. Но, не се враќа!

ЕМОЦИИ ВО ИЗОБИЛИЕ

Една од повеќето димензии на „Ласа“ е тоа што на впечатлив и мошне емотивен начин се забележани времињата од животот на мајка ти како дете-бегалец од егејскиот дел на Македонија. Тоа се твои или емоции на Ласа?

Ласа остави дневник. Нејзини записи. Така, всушност, и почнува приказната. Таа раскажува. Таа е во минатото. Јас сум во сегашноста. Јас ги поврзувам минатото и сегашноста. Разделени сме. Ама еве сега, по десет години, „Ласа“ повторно нѐ спои, нѐ сплоти. Болката не е толку интензивна. А тагата доаѓа и си оди. Спомените за Ласа живеат преку тие што ја прочитале и тие што ќе ја читаат нејзината приказна. Емоциите се заеднички и ги има во изобилие. Сите егејски приказни се емотивни. И тажни…

Будимпешта, градот каде што твојата мајка поминува дел од детството и раната младост, во книгата е претставен како рај за неа. Го напушти ли таа овој град суштински?

Не. Ласа никогаш не замина од Будимпешта. На некој начин ја донесе и во нашиот дом. Сѐ уште ја паметам песничката за малиот Пишта што не ја слушал мајка му и не сакал да јаде мусака со компири, и тоа на унгарски. И една сингл плоча што постојано се вртеше на стариот грамофон кога ќе додеше вујко ми и сите пееја на глас за ноќите во Будимпешта. Ми се разбистри кога и јас видов неколку од нив. Па сфатив зошто останаа таму и откако тука создадоа семејства! А таму беа домски деца при живи родители, повеќе гладни отколку сити и разделени едни од други. Заради éjszaka Budapesten оти се незаборавни!!!

Како се чувствуваш ти сега кога патот ќе те одведе во „рајот на Ласа“?

Хахахахаха… Рајот, претпоставувам, еднаш можеме и да го видиме. Кој како!? Никој оттаму не се вратил. Како што напишав во „Ласа“: „(…) Еднаш за мајка ми тоа беше Будимпешта! Летото `87 или `88 година, не се сеќавам точно, отидовме во Будимпешта. Мајка ми и јас. Со воз. Од Скопје до Белград. Па до Сомбор. Од Сомбор до Суботица… Па до рајот. Мајка ми остана… Јас се вратив…“. Не знам. Навистина не знам како ќе се чувствувам. Не сум била откако е Ласа таму (хахаха…) Ќе одам, па, здравје, ќе видиме може ќе има и дополнето четврто издание на „Ласа“.

Приказната на Ласа е една од илјадниците слични приказни на децата-бегалци… Се пронаоѓаат ли луѓето со слична судбина во книгата? Какви се нивните реакции?

Да, да многумина се пронајдоа во бегалската приказна. Но многумина се пронајдоа и во комплетната приказна што ги спојува двете, таа на мајка ми и мојата за неа. Реакциите се многу емотивни, впрочем, дел од нив ги има во „Ласа“.

Ќе следува ли од тебе уште некој хроничарски запис за овие времиња со силен емотивен печат? Или одиш понатаму на сосем различни теми?

Не би ја менувала темата. Имам уште многу да кажам на оваа тема, ама тоа ќе оди долго и бавно. Ама ќе оди…

Евридика Николовска-Шашкова

Новинар